Од Преспа до Софија: Бескрајниот процес на идентитетски отстапки

  • Патот кон ЕУ ни е поплочен со идентитетски отстапки. Европа ни ги побара името, знамето, Уставот, а со секоја жртва сѐ повеќе ни ја затвораше вратата. Сѐ’ сменето, а понижувањето остана. Нашата „европска иднина“ стана политика на понижување. А кој има право да му го преименува името на еден народ? Никој. Освен ние самите. Македонија ја направија експеримент за идентитетски инженеринг

Менувањето на државното име, ревизијата на симболите, институционалното преименување и постепеното редефинирање на националниот наратив беа претставени како „неопходна цена“ за европска иднина. Но, осум години подоцна, Македонија сè уште стои пред затворената врата на Европската Унија, со нови услови, нови барања и нови уцени. Наместо крај на спорот, се отвори бескраен процес на идентитетско преговарање.
Народ на кој му е одземено правото на сопствено име е народ ставен во политичка дефанзива. Токму затоа, за голем дел од македонската јавност, Преспанската спогодба не претставува само дипломатски компромис туку и длабок удар врз националното достоинство, историскиот континуитет и правото на самоопределување.
Но она што особено загрижува е чувството кај граѓаните дека државата беше турната кон самоцензурирање. Македонецот денес внимателно мери како ќе се именува, кои историски симболи ќе ги користи, како ќе ја интерпретира сопствената историја и дали неговото национално чувство ќе биде оценето како „прифатливо“ од надворешните центри на моќ. Таквата атмосфера создава чувство на понижување и историска несигурност.
Во името на евроинтеграциите беа направени крупни отстапки, кои за многумина навлегуваат директно во сферата на идентитетот. Притоа, ветувањето дека компромисот ќе донесе брз влез во ЕУ се покажа како политичка илузија. По Преспа, следуваа нови блокади, нови условувања и нови барања, овој пат поврзани со уставни измени и редефинирање на самиот карактер на државата.
Брисел со години ја претставуваше Преспанската спогодба како „европски модел за решавање спорови“, но голем дел од македонската јавност ја доживеа како пример за асиметричен притисок врз помала држава. Под силен дипломатски товар од Атина, а потоа и од Софија, Македонија беше ставена во позиција постојано да докажува дека има право на сопствен историски и национален континуитет.
Проблемот не е само политички. Тој е психолошки, културен и цивилизациски. Кога еден народ чувствува дека мора да молчи за сопствените симболи, да ги преименува институциите и да биде внимателен дури и во изразувањето на сопствениот идентитет, тогаш неизбежно се отвора прашањето дали компромисот ја преминал границата на достоинството.

Во современа Европа, која декларативно се темели врз правото на самоопределување и почитување на културната различност, парадоксално е токму Македонија да биде пример за држава од која се бараат идентитетски концесии како предуслов за интеграција. Наместо европеизација на Балканот преку почитување на различностите, сведочиме на опасен преседан во кој историските и националните прашања стануваат предмет на политичка трговија.
Македонското прашање не може да се реши со административни формули, ниту со дипломатски речник што бара народот самиот да се преформулира за да биде „прифатлив“. Националниот идентитет не е техничка категорија. Тој е колективна меморија, историско чувство и право на самоименување.
И токму затоа отпорот кон Преспанската спогодба не е само партиска или дневнополитичка реакција. За многумина, тоа е отпор против процес што го чувствуваат како постепено деноминирање на македонскиот идентитет во име на ветување што сè уште останува неисполнето.