„Атер“ е проект што ги поврзува различните периоди и авторски интереси на Михаил Парушев, притоа создавајќи нова концертна целина во која старите композиции добиваат нов контекст, а необјавениот материјал за првпат се среќава со публика во живо. На 6 октомври во „Јавна соба“ ќе се одржи концертната промоција на „Атер“, новиот музички проект на тапанарот и композитор Михаил Парушев, кој низ осум композиции отвора простор за музичка средба меѓу авторскиот израз, современиот звук и препознатливиот сензибилитет на Парушев.
„Атер“ обединува веќе создадени, но и досега необјавени композиции, како и нови верзии на дела од различни периоди од творештвото на Парушев. Во проектот се вклучени композиции од „Lulka“ (2007), „Kavalius“ (2016), како и новите верзии на „Lux Part 1“, „Debar Dobar Dabar“ и „She Is“, која наедно е носечка композиција на проектот. Посебно место во „Атер“ има и обработката на „Во наше село, чешма шарена“, во аранжман на Парушев.
На концертот, публиката ќе има можност да слушне и дела од проектите „Агол“ и „Рингишпил“, како и речиси сите композиции од „Атер“ што се изводливи во живо. Концертната изведба е замислена како целосно живо претставување на музичкиот материјал и неговите различни фази и облици. Парушев на сцената ќе настапи со „Парашн груп“, составен од музичари со различни инструментални и музички изрази: Александар Бошков – гитара, Иван Иванов – флејта и саксофони, Јован Цветковиќ – пијано, Иван Бејков – бас и Михаил Парушев – тапани.
































