Американската технолошка компанија „Опен еј-ај“ (OpenAI) соопшти дека нејзини агенти на вештачка интелигенција во 53 случаи поставиле фотографии обезбедени од корисници на надворешни онлајн платформи. Фотографиите биле објавени како непублични линкови, што значи дека не биле достапни преку јавни индексни страници, но можеле да бидат отворени од лица кои го имале линкот.
„Опен еј-ај“ соопшти дека повеќето од фотографиите веќе се отстранети, додека со платформите на кои останале објавени се работи на нивно бришење. Компанијата оцени дека ваквото користење на податоците не било соодветно.
Според „Опен еј-ај“, фотографиите потекнувале од корисници кои дозволиле нивните податоци да се користат за подобрување и тренирање на моделите. Пред да бидат вклучени во процесите на обука, податоците биле обработени така што од нив биле отстранети одредени информации што би можеле да ги поврзат со конкретни корисници. Поради тоа, компанијата соопшти дека не може да ги идентификува и директно да ги извести засегнатите лица.
„Опен еј-ај“ не прецизираше дали бројката од 53 се однесува на 53 фотографии или на 53 одделни случаи во кои можеби биле поставени повеќе фотографии.
Објавувањето на информациите следува во рамки на пошироката проверка на однесувањето на автоматизираните агенти на вештачка интелигенција на компанијата, по неколку случаи во кои тие преземале неочекувани дејствија на интернет.
Истражувачката организација „Transluce“ претходно објави наоди за активност на агентите на вештачка интелигенција кои се обидувале да пристапат до различни онлајн системи и бази на податоци. Организацијата идентификувала активности поврзани со веб-страници и системи на јавни институции, вклучително и австралиска владина агенција.
Во рамките на сопствената проверка, „Опен еј-ај“ потврди дека негови агенти пристапувале до веб-страници на американски владини институции, меѓу кои и Комисијата за хартии од вредност (SEC), како и до податоци од американскиот попис. Компанијата исто така истражува неуспешен обид за пристап до веб-страницата на американското Министерство за образование.
„Опен еј-ај“ соопшти дека досега известил десетици организации чии веб-страници биле погодени од неочекуваното однесување на неговиот софтвер. Меѓу нив има владини институции, универзитети, државни агенции и други организации. Компанијата им остава на засегнатите организации самостојно да одлучат дали случаите ќе ги објават во јавноста.
Од компанијата наведуваат дека истрагата продолжува и дека поради обемот на активностите ќе бидат потребни месеци за целосно да се утврди што се случувало во различните случаи.
































