ШО ВО САМАРКАНД, 8. КОЛО
- Минимален пораз на женската репрезентација од БиХ
Машката репрезентација на Македонија во 8. коло го забележа првото екипно реми на 46. Шаховска олимпијада (ШО) во Самарканд (Узбекистан) против ОАЕ (рангирани 95. пред ШО). Сите четири партии завршија без победник. По ова коло, Македонија (рангирана 56-та пред ШО) е на 66. место со девет бода (20 поени по табли) меѓу 206 репрезентации. Досега водечкиот Узбекистан (рангиран трет) го доживеа првиот пораз од Германија (рангирана петта), па моментно и двете селекции имаат по 14 бода, но според дополнителниот критериум Узбекистан е прв (24 поени по табли), а Германија втора (21,5), додека трета е Кина со 13 бода (22). Во вчерашното деветто коло од предвидените 11, Македонија играше со Кинески Тајпеј (рангиран 83.).
– Следуваат последните три решавачки кола, три натпревари во кои ќе се одлучува конечниот пласман. Продолжуваме борбено, фокусирано и со верба во тимот. Да се надеваме на добра игра и силна завршница – вели селекторот на машката репрезентација, ВМ Трајко Недев.
Во женска конкуренција, Македонија го доживеа четвртиот пораз, овој пат минимално од БиХ (рангирана 49.) со 1,5-2,5. На три кола до крајот, Македонките (рангирани 75-ти на ШО) се на 88. место со осум бода (17 по табли) меѓу 190 селекции. Во водство сама изби Кина со 15 бода (25 по табли), додека Казахстан, (рангиран трет), кој ремизираше со Индија (рангирана прва), е втор со 14 (22,5), а току бода имаат уште Ерменија (22,5) и Монголија (21,5). Вчера Македонија играше против Никарагва (рангирана 106.).
Македонија – ОАЕ 2-2: ИМ Емил Ристески (2.426) – ИМ Омран ал Хосани (2.317) реми, ФМ Антон Златков (2.422) – ФМ Ал Тахер Абдурахман (2.262) реми, ИМ Тони Лазов (2.394) – ФМ Седрани Амар (2.189) реми, ИМ Никола Николовски (2.422) – ФМ Фаред Ахмед (2.132) реми.
Македонија – БиХ 1,5-2,5: ЖФМ Моника Стојковска (2.080) – ЖФМ Милана Бабиќ (2.196) 0-1, ЖФМ Моника Жежовска (1.990) – ЖФМ Маша Бабиќ (2.147) 1-0, Ивана Манова (1.958) – ЖФМ Сара Јаќимовиќ (2.002) 0-1, Катерина Петровска (1.873) – Софија Мимиќ (1.961) реми. Г.И.
































