Фото: ЕПА

Податоците собрани од апликациите и социјалните мрежи станаа извор на разузнавачки информации за армиите низ светот

Загриженоста предизвикана од врската меѓу еден шпански командант на НАТО и жена со руско потекло што тој ја запознал преку апликацијата за запознавање Тиндер претставува последно поглавје во новото бојно поле за шпионажа: интернет-апликациите. Споделувањето содржини на социјалните мрежи, објавувањето детали за утринското трчање или барањето љубов онлајн станаа скриен ризик за војските низ светот.
Според извештајот на „ЕУ наспроти Дисинфо“ (EUvsDisinfo) од мај, и Русија и Украина користеле лажни профили на социјалните мрежи за спроведување разузнавачки операции на сајтови за запознавање. Операциите вклучуваат регрутирање поединци за извршување саботажи од страна на руските разузнавачки служби, додека украинските разузнавачки служби ги убедувале непријателските војници да ги откријат позициите на руската војска. Употребата на овие апликации датира најмалку од 2018 година, кога израелската војска ја започна операцијата „Скршено срце“ (Broken Heart) за да неутрализира шпионска кампања припишана на Хамас, која користела лажни апликации за запознавање за да ги компромитира припадниците на нејзините вооружени сили.
Мобилните апликации станаа и извор на протекување информации за армиите. Како што објави весникот „Ле монд“ во серијалот написи насловен „Страваликс“, социјалната мрежа Страва, наменета за љубителите на спортот, овозможила лоцирање на француски и израелски воен персонал. Еден од најозлогласените инциденти се случил кога офицер на француската морнарица ја открил позицијата на носачот на авиони „Шарл де Гол“, кој се упатил кон Блискиот Исток. Морнарот излегол на трчање на палубата на бродот и ја забележал активноста на Страва. Неговиот јавно достапен профил ја прикажувал маршрутата по која тој трчал: низа кругови што се протегале низ средината на Средоземно Море.
Во меѓувреме, апликацијата Поларстепс (социјална мрежа каде што корисниците можат да објавуваат содржини од своите патувања во странство) им овозможила на истражувачите од организацијата „Следете ги парите“ (Follow the Money) да лоцираат десетици армиски припадници и јавни службеници. Преку нивното движење, тие успеале да ги идентификуваат нивните домови, а во најмалку еден случај, и основното училиште што го посетувале децата на еден воен припадник.
Загриженоста достигнала толкаво ниво што американската армија размислувала да ги принуди војниците распоредени на Блискиот Исток да ги предадат своите лични телефони за да се елиминира ризикот од протекување информации.
Но опасноста оди подалеку од невнимателноста на поединечни припадници на војската. Огромното мнозинство мобилни апликации собираат секаков вид информации што потоа ги продаваат на посредници за податоци, кои ги групираат и препродаваат. Оваа практика е легална и опфаќа информации како што се локацијата, моделот на телефонот и историјата на пребарување.

Пристапот до тие податоци е релативно лесен: во 2023 година, група истражувачи од Универзитетот „Дјук“ во САД купија бази на податоци од овие компании, понекогаш за само 0,1 долари по запис. Со нивна помош, тие идентификуваа припадници на војската преку нивното име, домашна адреса и воениот род на кој припаѓаат, како и информации за нивното здравје, религија или финансиска состојба.
Извештајот на аналитичкиот центар „Интерфејс“, европска технолошка организација за анализа на политики, укажува на знаци дека комерцијални податоци се користат за разузнавачки цели во Унгарија, Холандија, Австрија, Франција, Германија и во Обединетото Кралство. Во САД, од 2024 година, се применува регулаторна рамка на разузнавачката заедница за постапување со информации достапни од комерцијални извори.
– Стигнавме до точка каде што информациите собрани од приватни компании се корисни за воени цели. Целите на разузнавачките служби и оние на компаниите во овој сектор се совпаѓаат: собирање информации од најразлични извори и нивно систематско организирање – вели Тор Ерлинг Бјорстад, истражувач специјализиран за разузнавање од комерцијални извори и консултант за безбедност во норвешката фирма „Мнемоник“.
Неодамна, на 4 септември, американската армија објави дека го блокирала персонализираното рекламирање на своите уреди, според информациите во неколку писма испратени до сенаторот Рон Вајден. Овој потег дојде откако Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) во април призна дека добила повеќе извештаи за противници што користат комерцијални податоци за геолокација за да го надгледуваат или да го земат на нишан американскиот персонал распореден во странство. ЦЕНТКОМ не прецизираше каде или кога се појавиле овие закани, но нејзината област на одговорност го опфаќа Блискиот Исток, каде што американските сили се вклучени во конфронтација со иранската војска околу Ормускиот Теснец.
Брокерите на податоци нудат агрегирани информации што опфаќаат подолги временски периоди. Во услови на војна, процесот е поинаков.
– Мојата хипотеза е дека тие користат наддавање во реално време за да дојдат до податоци во реално време – вели Бјорстад.
Наддавањето во реално време (РТБ) се однесува на процесот на аукција што се случува кога корисник на интернет отвора одредени веб-страници или апликации што содржат простор за рекламирање.

Во микросекундите потребни за вчитување на страницата, информациите за уредот се дистрибуираат до потенцијалните огласувачи, кои во реално време се наддаваат за правото да постават реклами на тие места.
„Гугл“ и „Мета“ доминираат на голем дел од глобалниот пазар за дигитално рекламирање преку РТБ и во голема мера се потпираат на него како извор на приходи. „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“, оствари приход од рекламирање во висина од 294 милијарди долари во 2025 година, што претставува 73,2 отсто од нејзиниот вкупен приход, додека „Мета“, матичната компанија на „Фејсбук“, оствари 196,175 милијарди долари, односно 97,6 отсто од својот вкупен приход.
Во 2022 година, истражување на „Пропублика“ откри дека руската компанија „РуТаргет“ за рекламна технологија, во сопственост на државната банка Сбербанк, продолжила да добива податоци од аукцискиот систем на „Гугл“ и по отпочнување на војната во Украина. Една година подоцна, „Блумберг“ документираше дека израелската фирма за сајбер-безбедност „Рејзоун“ со години собирала податоци преку сопствена платформа за купување дигитални реклами. Во 2024 година, истражување на „Вајрд“ откри дека компанијата „Грејви аналитикс“ доаѓала до податоци за локација преку системот РТБ и им ги продавала на американските безбедносни агенции, како што се Федералното биро за истраги (ФБИ), Управата за сузбивање на наркотици (ДЕА) и Службата за имиграција и царина (ИЦЕ).