Фото: ЕПА

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ЈАВНИОТ ДОЛГОТ НА СИРОМАШНИТЕ ЗЕМЈИ

  • ММФ и Светската банка ги менуваат правилата според кои се проценува одржливоста на јавниот долг во нискодоходовните земји. Во новата
    калкулација влегуваат домашното задолжување, ризиците за банкарскиот сектор, климатските инвестиции и реалноста на економските проекции

За Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) јавниот долг повеќе не е само прашање на тоа колку една држава должи. Сè поважно станува прашањето колкав товар може да поднесе нејзината економија, какви ризици се кријат зад структурата на задолжувањето и колку простор останува за инвестиции што треба да го обезбедат идниот раст.
Тоа е суштината на реформата што ја спроведуваат ММФ и СБ со новата т.н. Заедничка рамка за одржливост на долгот за нискодоходовните земји. По речиси една деценија, двете институции ја ревидираат методологијата со која се проценува дали јавниот долг на една сиромашна економија е одржлив, дали постои ризик од должнички стрес и колкав е просторот за ново задолжување.
Промената доаѓа во време кога финансиската слика на нискодоходовните земји станува сè посложена. Тие се соочуваат со повисоки трошоци за финансирање, поголеми потреби за јавни инвестиции и почести економски и климатски шокови. Во исто време, структурата на нивниот долг повеќе не е толку едноставна како во минатото. Токму затоа, според ММФ и СБ, „старата рамка треба да се приспособи на новата реалност“.

Поголемо внимание кон домашниот јавен долг

Една од најзначајните промени е поголемото внимание кон домашниот јавен долг. Во процената на должничкиот ризик според ММФ и СБ, повеќе не е доволно да се гледа само колку државата им должи на странски кредитори. Важно е и колку се задолжува на домашниот пазар и кој го финансира тој долг. Причината е едноставна, односно дека државата и домашниот финансиски сектор се меѓусебно поврзани. Ако банките поседуваат голем обем државни обврзници, проблемите во јавните финансии можат да се пренесат во банкарскиот систем. Во спротивна насока, слабоста на банките може да создаде дополнителен товар за државата.
Овој „суверено-банкарски“ јазол станува особено важен за земјите што имаат ограничен пристап до меѓународните пазари и затоа поголемиот дел од финансирањето го обезбедуваат дома. Новата методологија треба подобро да ги идентификува овие меѓусебни ризици.

Климатските инвестиции стануваат дел од калкулациите на ММФ и СБ

Втората важна промена се однесува на долгорочните потреби на економијата. За сиромашните земји, дилемата не е само како да го намалат долгот. Тие истовремено треба да инвестираат во инфраструктура, енергетика, образование, здравство и отпорност кон климатските промени. Но тие инвестиции чинат. Ако државата не инвестира, може да го ограничи идниот економски раст. Ако инвестира преку прекумерно задолжување, може да создаде нов должнички проблем.
Новата рамка се обидува да го земе предвид токму овој баланс. Климатската адаптација и развојните потреби се внесуваат во пошироката анализа на долгорочната одржливост на јавниот долг. Тоа е значајна промена во перспективата: инвестицијата повеќе не се гледа само како нов расход, туку и како потенцијален предуслов за поголем економски капацитет во иднина.

Третата промена е поврзана со економските прогнози

Секоја анализа на одржливоста на долгот зависи од претпоставките за економскиот раст, приходите, извозот, каматите и други макроекономски показатели. Но колку е подолг е периодот на прогнозата, толку е поголема можноста реалноста да отстапи од основното сценарио. Затоа новата рамка ги зајакнува стрес-тестовите. Наместо да се поставува само прашањето што ќе се случи ако економијата се движи според основното сценарио, анализата треба да покаже како долгот би се однесувал при послаб раст, поголеми каматни трошоци, пад на приходите или други негативни шокови. Ова е особено важно за нискодоходовните економии, бидејќи нивните буџети често имаат ограничен простор за апсорбирање неочекувани удари.

Квалитетот на податоците станува финансиски фактор

Една од најмалку видливите, но потенцијално најважни последици од реформата е поголемиот акцент врз квалитетот и транспарентноста на податоците. За да може да се процени ризикот, потребно е да се знае вистинскиот обем на јавните обврски. Тоа ги вклучува не само директните државни задолжувања туку и релевантните обврски поврзани со државните претпријатија и другите јавни субјекти.
Ако дел од обврските не се евидентирани или податоците се нецелосни, процената на одржливоста неизбежно станува помалку сигурна. Новата рамка затоа поставува поголеми барања за квалитетот на статистиката. За владите тоа значи дека управувањето со јавниот долг повеќе не е само прашање на фискална политика туку и на институционален капацитет и транспарентност.

Од ризик до криза

Најважната практична последица е подобро разграничување на различните степени на должнички ризик. Не е исто дали една земја се наоѓа во состојба на зголемен ризик од должнички проблем, дали веќе има сериозен ликвидносен притисок или дали нејзиниот долг е суштински неодржлив. За кредиторите, ова разграничување е важно при одлуките за ново финансирање. За владите, може да биде важно при креирањето на фискалната политика. А во ситуации кога е неопходно реструктурирање на долгот, анализата на одржливоста е еден од клучните елементи за определување на потребниот степен на олеснување.
Новата рамка, сепак, не значи дека секоја земја со висок долг автоматски ќе биде оценета како ризична. Напротив, целта е процената да биде почувствителна на структурата на долгот и на специфичностите на економијата.

Повеќе од „техничка реформа“

На прв поглед, промената може да изгледа како техничка ревизија на економетриски модели. Нејзиното значење, сепак, е пошироко. ММФ и Светската банка во суштина го прошируваат начинот на кој се дефинира должничката одржливост. Во новата рамка, одржливоста не се сведува на една бројка – односот на јавниот долг и БДП. Таа станува поширока процена на способноста на една економија да ги сервисира своите обврски, да издржи шокови и истовремено да обезбеди услови за иден раст.
За нискодоходовните земји тоа носи и можност и обврска. Можноста е процената на нивната финансиска позиција да биде пореална и да ги земе предвид специфичните развојни потреби. Обврската е да обезбедат поквалитетни податоци, пореални економски проекции и подобро управување со ризиците.
Новата рамка се очекува да стане оперативна во втората половина на 2027 година. Дотогаш старата методологија останува во примена. Но насоката на промената веќе е јасна: во иднина прашањето нема да биде само „колку должи една држава?“, туку сè повеќе „каков е тој долг, кој го носи ризикот, што може да се случи при шок и дали економијата има доволно простор за да расте додека го сервисира?“ Токму во одговорот на овие прашања ќе се мери новата граница меѓу задолжување што го финансира развојот и задолжување што почнува да го загрозува. Е.Р.


Новите правила во пет точки

1. Домашниот долг станува поважен дел од анализата
Не се гледа само надворешното задолжување туку и ризикот што произлегува од домашното финансирање и врската меѓу државата и банкарскиот сектор.

2. Повеќе внимание на долгорочните инвестиции
Развојните и климатските потреби се земаат предвид во процената на идната фискална позиција.

3. Посилни стрес-тестови
Анализата треба подобро да покаже што се случува со долгот при економски шокови и отстапување од основните прогнози.

4. Повисоки барања за податоците
Точните и целосни информации за јавните обврски стануваат клучен услов за квалитетна процена.

5. Појасна разлика меѓу ризик и неодржливост
Целта е попрецизно да се разликува земја со потенцијален должнички проблем од земја чиј долг веќе не може да се одржува без суштинска корекција. Е.Р.


ММФ со интересна симулација за целосно укинување на пензиските придонеси и финансирање на пензиите од општите даночни приходи во една држава

Црна Гора на тест: Може ли државата да ги плаќа пензиите без придонеси?

ММФ уште во 2024 година го пресмета ризикот од моделот што Црна Гора сега го приближува до реалност: целосно укинување на пензиските придонеси и финансирање на пензиите од општите даночни приходи. Црна Гора влегува во необичен фискален експеримент: од јануари преостанатиот придонес за пензиско и инвалидско осигурување од 10 проценти треба да биде укинат. Со тоа пензискиот систем практично би ја прекинал директната врска меѓу платата и задолжителниот пензиски придонес.
Предупредувањето на ММФ е особено релевантно. Во своето алтернативно сценарио од 2024 година, Фондот пресмета дека целосното укинување на пензиските придонеси би можело да го зголеми буџетскиот дефицит на 10,7 проценти од БДП во 2025 година, а до 13,3 проценти во 2029 година. Јавниот долг, според истата симулација, би достигнал 102,5 проценти од БДП.
Овие бројки не се актуелна прогноза на ММФ, туку стрес-сценарио изработено врз основа на тогашните претпоставки. Но тие прецизно ја илустрираат големината на ризикот кога приходот од придонеси исчезнува, а обврската за исплата на пензиите останува.
Во меѓувреме, Црна Гора веќе го спроведува првиот дел од експериментот. Со „Европа сега 2“, во октомври 2024 година придонесот за пензиско и инвалидско осигурување што го плаќаат вработените беше намален од 15 на 10 проценти, додека придонесот на работодавците од 5,5 проценти беше укинат.

Последицата е структурна промена во финансирањето: пензиите сè повеќе се потпираат на ДДВ, данокот на доход, данокот на добивка, акцизите и другите буџетски приходи. И токму тука е суштината на црногорскиот експеримент. Укинувањето на придонесите не го намалува трошокот за пензиите – само го преместува од платниот список кон државниот буџет.
ММФ во својата најнова анализа констатира дека досегашните реформи навистина придонеле за намалување на неформалното исплаќање плати и умерено зголемување на вработеноста, но истовремено предупредува дека фискалната позиција се влошува. Во 2025 година приходите од социјални придонеси се проектирани на само 4,5 проценти од БДП, наспроти 6,6 проценти во 2024 година, додека социјалните трансфери изнесуваат околу 13,2 проценти од БДП. Економската логика на реформата е јасна: пониското даночно оптоварување на трудот треба да донесе повисоки нето-плати, поголема формализација на работните места и поширока даночна база.
Но равенката има и друга страна. Ако дополнителната економска активност не генерира доволно нови приходи, државата ќе мора да ја покрива разликата преку повисоки даноци, кратење на други јавни расходи или задолжување. Затоа црногорскиот потег е повеќе од пензиска реформа. Тој е тест дали една мала отворена економија може долгорочно да ја замени логиката на придонесно финансирање со модел во кој пензијата станува доминантно буџетска обврска.
ММФ веќе ја покажа потенцијалната цена во сценарио на целосно укинување на придонесите. Сега Црна Гора има можност во реалноста да покаже дали економскиот раст, повисоките плати и пошироката даночна база можат да ја затворат таа фискална дупка. Е.Р.