Претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Силјановска-Давкова, денеска се обрати на одбележувањето на 17 Октомври – Денот на Командата за операции, што се одржа во касарната „Боро Менков“ во Куманово, нагласувајќи ја важноста на оперативната подготвеност и приспособувањето на Армијата кон современите безбедносни предизвици.
Осврнувајќи се на новите закани, таа посочи дека конвенционалното и хибридното војување, сајбер-заканите, беспилотните системи и вештачката интелигенција создаваат нова безбедносна реалност.
– Современите безбедносни предизвици бараат темелно преиспитување на досегашните пристапи кон одбраната. Конвенционалното и хибридното војување, сајбер-заканите, беспилотните системи и вештачката интелигенција креираат нова реалност, во која предвидувањето на ризиците, навременото приспособување и постојаното унапредување на капацитетите се императив – истакна Силјановска-Давкова.
Таа нагласи дека подготвеноста на Армијата не се огледува само во способноста да одговори на кризни ситуации, туку и во навременото препознавање на опасностите и ефикасното дејствување во услови на неизвесност.
– Оперативната моќ не е само прашање на бројноста и модерната опрема, туку најмногу зависи од знаењето, дисциплината, правилната проценка и подготвеноста за преземање иницијатива – рече претседателката.
Говорејќи за членството на земјата во НАТО, таа оцени дека усогласувањето со стандардите на Алијансата, интероперабилноста, обученоста и учеството во заедничките активности се потврда за придонесот на македонската Армија кон колективната безбедност.
– Со извршувањето на преземените обврски и усогласувањето со стандардите на Алијансата, македонската Армија покажа дека и мала држава може да биде кредибилен и доверлив сојузник – истакна Силјановска-Давкова.
Таа изрази очекување јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото да се применуваат и во процесот на европската интеграција.
Претседателката го истакна и придонесот на припадниците на Командата за операции во справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби, нагласувајќи ја нивната улога во заштитата на граѓаните.
Како значајни резултати ги посочи оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група во рамките на вежбата „БЛЕСОК 26“, со која била потврдена подготвеноста за извршување на задачите според НАТО-стандардите, како и учеството на македонските војници во мировни мисии на Обединетите нации, Европската Унија и НАТО.
Силјановска-Давкова потсети дека на 18 август, по повод Денот на Армијата, ја одликувала Командата за операции со „Орден за воени заслуги“, како признание за унапредувањето на армиските капацитети и зајакнувањето на борбената готовност.
На крајот од обраќањето, таа им оддаде признание на припадниците на Армијата за нивната професионалност и посветеност, повикувајќи ги и понатаму да ги надградуваат своите способности и да ја оправдуваат довербата на граѓаните.
– Униформата што ја носите, од една страна е обележје на припадност, но од друга е симбол на верност и почит кон воената професија, татковината, Уставот и граѓаните – порача претседателката.





































