„Актерката демонстрираше извонредна изразна моќ и ретка способност за преобразба, создавајќи сложен лик растргнат меѓу очајот и пркосот, нежноста и суровоста, мајчинската болка и нескротливата сила на преживувањето. Со целосна посветеност и силен емотивен набој, таа достигнува до прагот на катарзата, без никогаш да ја изгуби внатрешната вистина на ликот“. Вака е запишано во образложението на меѓународното жири, кое на македонската актерка Весна Димитрова Бобевски едногласно ѝ ја додели наградата „Најдобра актерка“ на 31. издание на Меѓународниот фестивал „Исола деи театри“ во градот Сасари, во областа Сардинија во Италија.
На овој фестивал, кој годинава вклучи 28 настани, опфаќајќи различни театарски форми, меѓународни копродукции, работилници и други културни активности, Димитрова оствари учество во рамките на меѓународната програма за драма. Со монодрамата „Кога земјата молчи“, инспирирана од романот „Пиреј“ на големиот македонски писател Петре М. Андреевски, која Димитрова премиерно ја изведе во Сасари на 6 октомври, ги освои срцата на публиката, но и на жирито. Важно е да се истакне дека фестивалот не е еден единствен натпревар во кој сите учесници се натпреваруваат меѓусебно во иста категорија.
– Мојата претстава беше дел од програмскиот блок посветен на драмските остварувања, кој траеше до 8 октомври. Потоа програмата продолжи со други театарски изрази и форми, меѓу кои експериментален и алтернативен театар, кловновски претстави, меѓународни копродукции и други разновидни уметнички содржини. Токму таа разноликост му дава посебна вредност на фестивалот, бидејќи овозможува средба и размена меѓу различни театарски естетики и уметнички пристапи – раскажува актерката Весна Димитрова Бобевски.

Во фестивалската програма учествуваа уметници и театри од повеќе земји, меѓу кои Македонија, Романија, Франција и Италија, со значајно присуство на сардинските театри.
– Во таков меѓународен контекст, наградата „Најдобра актерка“, што ми беше доделена на 8 октомври, за мене претставува исклучителна чест и признание за мојата актерска работа. Особено ме радува што преку ликот на Велика успеав пред странската публика да го претставам делото на еден од најзначајните македонски писатели, Петре М. Андреевски, и да проговорам за болната, но значајна страница од нашата историја. За мене ова признание е многу повеќе од личен актерски успех – тоа е можност македонската книжевност, македонската жена и мајка, нејзиното страдање, достоинство и непокорен дух да допрат до публика надвор од границите на нашата земја. Токму затоа оваа награда ја доживувам и како признание за македонскиот театар и македонското културно наследство – вели Димитрова Бобевски.
Настапот во Сасари, на 6 октомври, беше првата изведба на монодрамата „Кога земјата молчи“ пред публика. Официјалната премиера во матичниот театар на актерката, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, ќе се одржи наскоро. Но поврзаноста на Весна Димитрова Бобевски со „Пиреј“ на Петре М. Андреевски има долга, повеќедецениска историја.
– Пред околу четириесет години, со овој роман полагав приемен испит на Факултетот за драмски уметности во Сараево, пред комисија во која беше и Емир Кустурица. Тогаш ја имав и честа да го запознаам великанот Петре М. Андреевски како уредник на драмската програма во Македонската телевизија, кога кај него отидов на рака да си го препишам монологот од книгата „Пирејка“, преведена на хрватски јазик. Со истиот монолог го полагав приемниот испит во Скопје, на Факултетот за драмски уметности. Подоцна, моето формално образование го завршив на Факултетот за драмски уметности во Софија, Бугарија. Оттогаш, желбата да го претворам „Пиреј“ во монодрама постојано живееше во мене, цели 40 години. По четири децении, конечно дојде редот и оваа моја долгогодишна желба да стане реалност – раскажува актерката.

Токму поради наведените причини, првата изведба на монодрамата во Италија за актерката има посебно емотивно значење, но таа со нетрпение ја очекува премиерата во Македонија, како и овдешниот театарски живот на претставата.
Интересно е да се спомене дека романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски досега двапати е поставен на македонската театарска сцена. Првпат во 1982 година, на сцената на НТ-Битола, во режија на Владимир Милчин, а вторпат во 2018 година, на сцената на НТ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. Во првата изведба ликот на Велика го толкуваше актерката Јоана Поповска, а во втората актерката Марија Спиркоска Илиески, која за оваа улога ја доби наградата за главна женска улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2019 година. Меѓутоа, досега ликот на Велика не е претставен во форма на монодрама, што значи дека изведбата на Весна Димитрова Бобевски е прва. Во разговорот, актерката нè информираше дека во градењето на ликот на Велика не се потпирала на изведбите на своите колешки, туку работела според сопствената визија.
– Не сум ги гледала претходните изведби на Јоана Поповска и Марија Спиркоска Илиески. Велика ја градев низ сопственото читање, разбирање и чувствување на нејзината судбина, болка, мајчинство и непокор. Верувам дека секој актер во едно големо книжевно дело пронаоѓа своја вистина и свој пат до ликот. Јас ѝ пристапив на Велика од мојот личен уметнички сензибилитет и од сè она што „Пиреј“ го буди во мене. Ова дело не се роди во мене одеднаш, ниту за време на подготовките за фестивалот. Тоа во мене превриваше, растеше, созреваше и постојано се надградуваше цели четири децении – вели актерката Весна Димитрова Бобевски.
Иако актерката има одиграно голем број театарски, филмски и телевизиски улоги во текот на својот плоден уметнички живот, желбата да ја донесе улогата на Велика на свој начин никогаш не згаснала.
– Со годините, со моето животно и актерско искуство, со сите човечки судбини и емоции што ги носи животот, делото сè подлабоко се вкоренуваше во мене, сè додека не дојде моментот да добие свој сценски облик. Затоа оваа монодрама за мене не е само претстава што ја подготвував, туку една долгогодишна внатрешна потреба, уметнички сон што созреваше четириесет години и конечно доби глас преку Велика – вели Димитрова Бобевски.

По изведбата на „Кога земјата молчи“ во Сасари, реакциите на публиката биле исклучително емотивни.
– Некои жени ме прегрнуваа со солзи во очите. Во тие моменти сфатив дека мајчинската болка не познава граници. Мајка е мајка, без разлика дали е во Македонија, во Сардинија или на кој било друг крај на светот. Нејзината љубов, страдањето и борбата за децата се универзален јазик што сите го разбираме – раскажува актерката.
Таа, како што ни пренесе, била особено трогната од фактот што приказната за Велика предизвикала интерес за македонската историја кај италијанската публика, која признала дека има мали познавања за нашето минато и дека единственото нешто со кое нè поврзуваат е ликот на Александар Македонски. По изведбата, актерката најмногу прашања добила за писателот Петре М. Андреевски и за романот „Пиреј“.
„Ова не беше само актерска изведба. Беше сведоштво. Исповед. Катарза. Театар што ранува, потресува и останува во срцето“ – се вели во образложението на жирито за наградата „Најдобра актерка“, што во Сасари ѝ беше доделена на Весна Димитрова Бобевски.

– Веројатно тие зборови од жирито најсилно ја изразуваат суштината на моето доживување на ова признание. По првата изведба во Сардинија и освоената награда „Најдобра актерка“, мојата желба е оваа претстава да продолжи да живее и да допре до македонската публика, но и да го продолжи својот пат на меѓународните театарски сцени. Верувам дека приказната за Велика, инспирирана од големото дело на Петре М. Андреевски, има сила да ги надмине границите и да допре до публиката насекаде – завршува актерката Весна Димитрова Бобевски.


































