Фото: МОН

Меѓународниот ден на белиот стап е можност да се потсетиме до каде сме стигнале, како општество, во нашата обврска на секое дете да му овозможиме да ги реализира своите соништа, таленти и потенцијали. Оваа Влада вети дека ќе ја подигне инклузивноста на воспитно-образовниот систем во целина, и тоа го правиме, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап што се одржа во Собранието, во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и Зета – организација за попреченост и правда, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепи.

Посочи дека оваа учебна година се ангажирани најголем број образовни асистенти досега: 1.602 во основните училишта низ државата и 176 во средното образование. Во тек е и постапка за ангажирање на дополнителен број на стручни лица за образовна асистенција.

– Во насока на подигнување на инклузивноста е и јакнењето на стручните служби во училиштата, преку ангажирање на потребен кадар. Паралелно ја подобруваме пристапноста во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за учениците со посебни потреби. Воведовме две нови категории студентски стипендии наменети за студенти со попреченост и со ретки болести – додаде министерката.

Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, од минатата година функционира како ресурсен центар и таму работат специјални едукатори и рехабилитатори, наставници и стручни лица кои се обучени за образование на овие ученици со посебни образовни потреби.

– Оваа учебна година, во ова единствено училиште на ниво на државата, се запишани повеќе ученици отколку лани. Тоа говори за препознавањето на квалитетот на воспитно-образовната работа, можноста за добивање соодветна стручната помош и раст на довербата што родителите ја имаат во институцијата – укажа министерката Јаневска.

Училиштето е опремено со најсовремена асистивна технологија, со заеднички ангажман и во соработка со општествено одговорни компании, што како практика треба да продолжи, затоа што многу е важно децата со посебни образовни потреби да имаат пристап до најновите алатки и технолошки решенија кои ќе им овозможат полесно учење, поголема самостојност и порамноправно учество во образовниот процес и во секојдневниот живот.

– Ограничените ресурси се главната пречка за подобри услови за квалитетна настава, но, тоа може да се надомести со поквалитетни обуки, подобра комуникација меѓу сите чинители и секако со стратешко унапредување на инклузивниот образовен систем – додаде министерката Јаневска, нагласувајќи ја потребата за подигнување на јавната свест дека попреченоста не ја определува личноста и дека треба да градиме општество во кое секој млад човек ќе добие шанса за избор на сопствена иднина.