Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикува украинскиот претседател Володимир Зеленски поради обновувањето на нападите врз руските нафтени рафинерии, оценувајќи дека тие ги одржуваат високите цени на енергенсите во светот.
– Ако Зеленски повторно ги напаѓа рафинериите, единственото нешто што го постигнува е зголемување на светските цени на нафтата. Мислам дека тоа е срамота. Има многу други цели што може да ги погоди – изјави Трамп во интервју за телевизијата „Њузмакс“.
Тој посочи дека нападите врз постројките во кои се произведува дизел не му користат на светот во период на недостиг и високи цени на горивата.
– Кога напаѓате рафинерии во кои се произведува дизел, а тој ни е потребен нам и на целиот свет, тогаш не му правите никаква услуга на светот – рече Трамп, пренесе Ројтерс.
Американскиот претседател повторно го претстави Зеленски како пречка за постигнување договор за завршување на војната во Украина.
– Мислам дека е потешко да се преговара со Зеленски отколку со Путин. Зеленски не е вистинската личност со која можеме да постигнеме договор. Тој вели дека сака договор, но всушност не сака. Не сум негов голем поддржувач – изјави Трамп.
Зеленски претходно за „Фајненшл тајмс“ најави дека Украина ќе ги обнови нападите врз руските нафтени рафинерии. Одлуката следува откако Киев неколку дена се воздржуваше од напади во очекување Русија да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура. Москва, според украинските власти, продолжила да погодува енергетски објекти во Украина.
Трамп пред пет дена објави дека Москва и Киев се согласиле веднаш да ги запрат нападите врз енергетската инфраструктура. Постоењето таков договор, меѓутоа, не беше официјално потврдено ниту од Русија ниту од Украина.
Украинските сили потоа нападнаа рафинерија во руската област Рјазан, каде што избувнал пожар. Киев тврди дека нападите врз руската нафтена индустрија имаат цел да ги намалат приходите со кои Москва ја финансира војната.
Односите меѓу Вашингтон и Киев дополнително се влошија откако администрацијата на Трамп привремено ги ублажи санкциите за рускиот дизел и постигна договор со Москва за негов извоз на американскиот и на светскиот пазар. Зеленски го критикуваше потегот, предупредувајќи дека приходите од продажбата ќе ѝ помогнат на Русија да ја продолжи војната.
































