Најпрво едно појаснување до читателите. Текстот што ќе го читате, ако го читате, не е оригинално нов. Напис со истиот наслов „Чие е македонското народно востание?“ сум објавил на страниците на „Нова Македонија“ на 13 октомври 2022 година. Повод за негова „рециклажа“ ми е прославата и на овој 11 Октомври, која официјално се одвиваше под името „Денот на народното востание“. Попрецизно, и овој пат одбележувањето беше без употреба на националниот атрибут на државата и народот, односно национално обезимено. Стариот текст ми послужи како повод изнесувајќи нови сознанија, правејќи соодветни измени, извесни корекции, кратки дополнувања или скратувања.
Прашалниот наслов на текстот „Чие е македонското народно востание“ изгледа на прв поглед нелогично, излишно, дури и апсурдно. Секој што ќе го прочита ќе си го даде одговорот дека е сосема нормално македонското народно востание да биде именувано како македонско, со сите додатоци што му следуваат.
Но дали е навистина така?
Повеќе години по независноста празникот 11 Октомври се одбележува под називот Денот на народното востание. Ја нема придавката со која се објаснува чие е тоа народно востание. Вака одбележано може да биде на Бугарите, на Србите, на Грците, на Власите, на кој било народ на планетата Земја. И на Палестинците, Хутите и Тутсите и на кое било поголемо племе во џунглата, иако племето не е народ.
Чие е, кој народ го кренал тоа востание? Дали е тоа востание на некој познат, признаен и жив народ или на некој мртов, одамна исчезнат по кој треба да се трага на буништето на историјата?
Низ цела историја секое востание си има име и свое национално обележје, само македонското е без име. Уште од Спартаковото востание (73-71 пр. н.е.) најголемото востание на робовите во Римската Република, предводено од гладијаторот Спартак. Да не ги споменуваме македонските востанија: Карпошовото, Кресненското, Разловечкото и круната на сите востанија – Илинденското. Сите се востанија на македонскиот народ или на Македонците. Така се третирани во историјата.
Зошто востанието од 11 Октомври и годинава е обележано официјално само како „Народно востание“? Затоа што така вели Законот за државните празници на Република Македонија. Таму е заведено под тоа име, со забелешка: Почеток на Народноослободителната борба на Македонија. Законот е донесен во 2007 година, за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски. Тогаш македонските пратеници од името на празникот ги избришаа името на народот, земјата и територијата.
Можеби намерно, можеби случајно, нема веќе кој да утврди, но истиот ден кога од октомвриското востание е избришан националниот идентитетски атрибут, него го доби друг, новововеден државен празник. Тоа е Денот на македонската револуционерна борба, денот кога во Солун во 1893 година е формирана Македонската внатрешна револуционерна организација. Циничното размислување води кон апсурдната логика дека во 1893 година имало Македонци и македонска револуционерна борба, а во 1941 година немало Македонци и немало востание на македонскиот народ. Ова второто било на народот, но не се знае на кој народ, тој е анонимен, непознат. Дилемата дали со таквото решение се сакало да се обезвредни величината на победничко востание на Македонците од 11 Октомври, а да му се даде примат на историското ВМРО, може да се разјасни со тогашните тенденции на партијата ВМРО-ДПМНЕ за омаловажување на Народноослободителната војна и нејзините придобивки.
Но, да не мешаме политика, да не обвинуваме една или друга партија, да не се враќаме на грешките ако може да ги исправиме. Владата што го одобрила законот и пратениците што го изгласале во 2007 година најверојатно не ја имале во вид нормалната претпоставка дека одземањето на националното име на востанието утре, другиден, може да се однесува и на народот што го кренал истото востание. Односно и тој да биде избришан за нечии внатрешни политички, одмазднички и којзнае какви други анационални потреби. Да не зборуваме за надворешните негирања на македонскиот народ, за обидите за поништување на самобитноста и за аспирациите за завладување на територијата како далечна, но крајна цел.
Своевремено мојот роднокраен пријател, познатиот поранешен банкар Бранко Тозија ми испрати СМС-порака со копија од еден историски документ. Документот, всушност, е слика, фототип, од првата страница на „Службен весник“ на Федерална Македонија, број 20, со датум од 1 октомври 1945 година. Во него е објавено дека врз основа на ставови на АСНОМ, Президиумот на Народното собрание на своето заседание одржано на 8 септември 1945 година донесе Закон за прогласуење на денот на народното востание во Македонија за народен празник. Во членот 1 се образлага дека законот е донесен „за да се прослави споменот на овој ден кога во Македонија пукнаа први востанички пушки против фашистичките окупатори и неговите слуги. Се прогласује денот 11октомври за народен празник, кој се прославува секоја година како ден кога отпочна во Македонија народното востание против фашистичките завојувачи и нивните слуги“. Потпишани се М. Андонов Ченто, претседател, и д-р Б. Спиров, секретар.
Значи: според овој закон, автентичен, оригинален, донесен од учесници во борбите и без лажни сведоци, востанието име свое легитимно оригинално име, своја државотворна и територијална локација и свој народ. Тоа е народно востание во Македонија против фашистичкиот окупатор. А во документите на АСНОМ и на Народноослободителната борба јасно и повеќепати е назначено дека фашистички окупатор на Македонија била тогашната бугарска, царска држава. Плус Италија во западниот дел на Македонија.
Но да не ја забораваме историјата, да не мешаме политика, да не обвинуваме една или друга партија, да не се враќаме на грешките ако може да ги исправиме. Владата што го одобрила законот и пратениците што го изгласале во 2007 година најверојатно не ја имале во вид нормалната претпоставка дека одземањето на националното име на востанието утре, другиден, може да се однесува и на народот што го кренал истото востание. Односно и тој да биде избришан за нечии внатрешни политички, одмазднички и којзнае какви други анационални потреби. Да не зборуваме за надворешните негирања на македонскиот народ, за обидите за поништување на самобитноста и за аспирациите за завладување на територијата како далечна, но крајна цел.
Кога се знае денес дека по спогодбата за името со Грција се избришаа „со еден клик“ националните, македонски називни атрибути од и пред сите државни институции и кога се зборува дека постои некаква одлука во Министерството за правда да не може во официјален документ регистриран во државата да се запише името Македонија, не би било никакво чудо да има некаков премолчен договор така да се обезименува востанието и денес и векому век.
Парадоксот е дотолку поголем што во Грција и во Бугарија има десетици институции, фондации, здруженија со името Македонија или со македонските префикси и суфикси. Таму може, во Македонија не може да има македонско „име што треба да загине“.
Прашањето е зошто се кријат историските факти. И кому му служи тој еквилибризам? Кому му е срам да каже дека народното востание било во Македонија? Зошто не се спомнуваат или се бришат и другите историски факти? Акт на бришење во тие книги не му паѓа никому на ум. Никој не си ја ништи сопствената историја, каква и да била таа. Само кај нас се прави сквернавење со намера, по нечиј диктат или како начин за додворување. Намерите се домашни, дикатот е од Запад, полтронството се однесува за Бугарија, поразената страна во Втората светска војна.
Преку спогодбата за името со Грција и преку Договорот за пријателство со Бугарија се вратија на дневен ред сите прашања од 1941-1944 за кои се сметаше дека се цементирани во полза на Македонците – нивната нација, нивната историја, јазик и писмо. Сега Република Северна Македонија живее во фаза на политичко, дипломатско востание на кое не му се знае крајот, но се насетува македонскиот пораз. Ако Илинденското востание беше кренато преурането, северномакедонското најверојатно е задоцнето во која било смисла.
Македонија е земја во која востанието тече, не застанало со децении. А ќе трае и во наредните, патот до ЕУ нема да биде послан со рози. Во него не запира и војната меѓу Македонците, едните на страната на СДСМ, другите зад појасот на ВМРО-ДПМНЕ. Фрчат пресметки, обвинувања, скандали, бомби. Арсенал што се возобновува сам од себе, од ноќ во ноќ, од ден во ден. Во тие временски интервали братството си е братство, а сирењето со пари, и тоа многу поскапо.
Во востанички услови Македонија се наполни со комити и разни комитети, со ограбувачи на народното благо, со јатаци, со борци и предавници и, како круна на секое востание, со востанички профитери од секаков вид, без разлика на нација, вера, пол и возраст.
































