Првата самостојна изложба на фотографии на Горан Анастасовски беше отворена вчера, на 5 октомври, во изложбениот салон на Домот на културата „Злетовски Рудар“ во Пробиштип. Анастасовски е фотограф чија повеќегодишна работа посветена на животинскиот свет е објавувана најпознатите светски медиуми.
Организатор и продуцент на изложбата е Домот на културата, од каде што истакнуваат дека им претставува особена чест што неговото претставување пред македонската публика започнува токму од Пробиштип.
– Оваа изложба е многу повеќе од културен настан – рече Марија Насевска, директорка на Домот на културата.
Изложбата ја носи пораката дека убавината може да се открие и во непосредното опкружување, ако застанеме и внимателно погледнеме.
– Извонредното не секогаш е далеку. Понекогаш е токму пред нас. Само треба да застанеме и да го видиме – се наведува во објавата на организаторот.
Анастасовски повеќе од 15 години го следи животинскиот свет низ објективот, а неговите фотографии досега се објавувани во „Нешнал џиографик“ (National Geographic), Си-ен-ен (CNN), Би-би-си (BBC), „Ројтерс“ (Reuters), „Форбс“ (Forbes), „Тајмс“ (The Times), „Дејли мејл“ (Daily Mail), „Телеграф“ (The Telegraph), „Индипендент“ (The Independent), „Њујорк пост“ (The New York Post), „Инсајдер“ (Insider), „Фигаро“ (Le Figaro) и други меѓународни медиуми.
Особеноста на неговата приказна е што дел од фотографиите што привлекле меѓународно внимание се создадени многу поблиску отколку што би се очекувало – во Зоолошката градина во Скопје. За нивното создавање биле потребни трпение, внимание и способност да се препознае вистинскиот момент.
Во текст посветен на неговата работа, „Дејли мејл“ го опишува како „крал на фотографијата“, издвојувајќи го неговиот начин на доловување на животните и нивните изрази.
Од Домот на културата му изразија благодарност на Анастасовски за можноста дел од неговиот фотографски свет да биде споделен со публиката во Пробиштип.




























































