Најава за трилатерални мировни преговори за Украина на крајот на октомври
- Според повеќе германски медиуми, Киев потврди дека САД се обидуваат до крајот на октомври да организираат нови разговори меѓу Вашингтон, Москва и Киев. Засега станува збор за разговори на експертско ниво, а како можна локација се споменуваат Обединетите Арапски Емирати
- Западот ја отвора вратата за нова дипломатска рунда, но истовремено ја претвора Украина во долгорочен воено-индустриски партнер. Берлин испраќа милијарди, Вашингтон го турка Киев кон нови разговори, а Москва засега не покажува дека е подготвена да ја промени својата стратегија
Има нешто парадоксално во денешната европска политика кон украинската војна. Додека дипломатијата повторно се обидува да најде пат кон преговарачката маса, оружјето продолжува да пристигнува на украинскиот фронт во сè поголеми количества. На истиот ден кога украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Вашингтон сака нова трипартитна средба со Русија и Украина до крајот на октомври, германскиот канцелар Фридрих Мерц пристигна во Киев со нов пакет воена и енергетска помош. Берлин најави повеќе од 1,3 милијардa евра поддршка, додека вкупната вредност на договорите и документите потпишани меѓу Германија и Украина надминува 8,5 милијарди евра.
Дипломатијата повторно ја бара Москва
Според повеќе германски медиуми, Киев потврди дека САД се обидуваат до крајот на октомври да организираат нови разговори меѓу Вашингтон, Москва и Киев. Засега станува збор за разговори на експертско ниво, а како можна локација се споменуваат Обединетите Арапски Емирати (или друга земја предложена од американската страна). Тоа е важен сигнал, но не и доказ дека мировниот процес е пред пресврт. По повеќе од четири години војна, главниот проблем не е недостигот од дипломатски формати. Такви формати имаше. Проблемот е што Москва и Киев и натаму имаат суштински спротивставени претстави за тоа како би изгледал евентуалниот крај на конфликтот.
Украина бара безбедносни гаранции и решение што нема да ја остави ранлива на нов руски настап. Русија, пак, ги врзува своите воени и политички цели со поширока визија за европската безбедносна архитектура и со услови што Киев и неговите западни сојузници досега не ги прифаќаат. Затоа и евентуалната октомвриска средба не треба да се продава како „мировен самит“. Таа е, пред сè, како што се анализира во германски медиуми, еден вид тест за тоа „дали по долгата дипломатска блокада сè уште постои простор за минимален заеднички јазик“.
Германскиот канцелар Мерц со порака од Киев
Додека Вашингтон се обидува повторно да ги приближи страните кон преговарачката маса, Берлин испраќа сосема друга порака. Имено, Украина мора да биде во состојба да продолжи да се брани. Посетата на Мерц на Киев не беше само политичка демонстрација на солидарност. Германската делегација вклучуваше и претставници на одбранбениот и енергетскиот сектор, а во Киев беа договорени нови проекти за производство на оружје, противвоздушна одбрана, беспилотни системи и енергетска инфраструктура. Берлин најави околу една милијарда евра воена помош, вклучително и средства за производство на пресретнувачки дронови, како и илјадници ракети за системите ИРИС-Т (IRIS-T).
Дополнителни 350 милиони евра се наменети за енергетскиот сектор, особено за поправка на инфраструктурата оштетена во руските напади. Ова веќе не е класична политика на „помош за Украина“, туку, според оцени на аналитичарите, „ова е изградба на воено-индустриско партнерство!“
Украина станува европска воено-наменска индустриска „база“
Најзначајниот дел од германско-украинската соработка можеби не е во вредноста на денешниот пакет, туку во неговата структура. Сѐ поочигледно е дека Украина не е само „купувач на германско оружје“. Таа постепено станува партнер во неговото производство и развој. Имено, германски и украински компании потпишаа договори за противвоздушни системи, радари и беспилотни летала. Берлин, исто така, го поддржува проширувањето на заедничкото производство на далекометни системи и пресретнувачи за брзи руски дронови. Тоа е суштинска промена. Ако во првата фаза од војната Украина зависеше од западните резерви, во следната фаза Западот се обидува да изгради украински и европски капацитет за производство на оружје што може да функционира и во услови на долготраен конфликт.
И токму тука, според повеќе воени аналитичари во Германија, се наоѓа можеби најважната порака од Берлин, а тоа е дека „Германија не се подготвува само за денот кога војната ќе заврши, туку Германија се подготвува и за можноста војната да продолжи!“
Берлин: Европа е подготвена за разговори!
Мерц во Киев порача дека Европа е подготвена за разговори, но дека преговорите не можат да се водат „над главите“ на Украинците и Европејците. Германската позиција е дека Украина мора сама да одлучува за сопствената иднина. Тоа е важен елемент од европската стратегија. За Берлин, украинската војна повеќе не е само конфликт меѓу две држави. Таа е прашање на европската безбедност. Во април Германија и Украина формализираа стратешко партнерство што опфаќа воено-наменска индустрија, противвоздушна одбрана, беспилотни системи, реконструкција и поддршка на украинскиот пат кон Европската Унија. Практично, Берлин го вградува Киев во идната европска безбедносна архитектура. А тоа има последици и за евентуалниот мировен договор.
Прашањето не е само како да заврши војната…
Една од најголемите заблуди во јавната дебата е претпоставката дека евентуалниот мировен договор автоматски ќе значи враќање на Европа во состојбата пред февруари 2022 година. Многу германски аналитичари тврдат дека нема да биде така. Дури и ако утре се постигне прекин на огнот, Европа веќе е променета. Германија го зголемува воениот потенцијал. Европските држави инвестираат во сопствени производствени капацитети. Украина станува дел од воено-одбранбен систем. НАТО повторно ја дефинира Русија како долгорочен безбедносен предизвик. Затоа идниот договор нема да биде само договор за линијата на фронтот. Ќе биде договор за тоа каква Европа ќе се појави по војната.
Москва го има последниот збор?
Во оваа фаза најголемата непознаница останува Москва. Вашингтон може да предложи средба. Киев може да прифати. Берлин и другите европски престолнини можат да дадат поддршка. Но без подготвеност на Кремљ да направи отстапки, преговарачкиот процес повторно може да се претвори во дипломатски круг без резултат. Од друга страна, продолжувањето на западната воена помош покажува дека САД и Европа не сакаат да влезат во преговори од позиција на слабост. Токму затоа денешната западна политика изгледа контрадикторно само на прв поглед. Се преговара и се вооружува. Се зборува за мир и се инвестира во воена индустрија. Се повикува Москва на дијалог, но паралелно се зголемува цената на продолжувањето на војната. Тоа е класичната логика на преговори од позиција на сила.
Октомври како нов тест
Дали октомври ќе биде месецот во кој украинската војна конечно ќе добие нова дипломатска динамика? Рано е да се каже. Но две работи веќе се очигледни.
Прво, Вашингтон повторно се обидува да го активира политичкиот канал меѓу Русија и Украина. Второ, Европа не се откажува од стратегијата за долгорочно јакнење на Украина. Токму спојот на овие две политики ќе го одреди следниот период. Ако дипломатијата успее, милијардите што денес се вложуваат во украинската одбрана би можеле да бидат инструмент за постигнување посилен мировен договор. Ако дипломатијата пропадне, тие милијарди ќе бидат темелот на уште подолга војна. И токму затоа посетата на Мерц на Киев е многу повеќе од уште една посета на европски лидер. Таа е порака до Москва, порака до Вашингтон и, можеби најважно, порака до Европа: Без оглед дали следниот чекор ќе биде преговарачката маса или бојното поле, Европа сака да биде подготвена.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија































