Најмалку три лица загинаа, а четири се водат за исчезнати во поплавите предизвикани од обилните дождови што го погодија Истанбул, соопшти канцеларијата на гувернерот на градот.
Обилните врнежи предизвикаа излевање на водотеци, поплавување на станбени и деловни објекти и патишта, како и сериозни нарушувања во сообраќајот. Спасувачките екипи во текот на ноќта евакуираа граѓани, меѓу кои и работници заробени во поплавени објекти, користејќи тешка механизација и чамци.
Меѓу жртвите е 34-годишен маж, кој починал во болница откако паднал и ја удрил главата на тротоарот додека се обидувал да ја премине улицата. Четиринаесетгодишно момче, пак, загинало од струен удар во надојдената вода во населбата Фатих, објави „Си-ен-ен Турк“.
Телото на третата жртва било пронајдено заглавено во конструкција на мост во близина на паркот Садабат, во населбата Кагитане. Идентификацијата на починатиот е во тек.
Една од најтешко погодените области е Кагитане, каде што истоимената река се излеа од коритото, поплавувајќи ја историската џамија Садабат, нејзиниот двор и околните објекти.
Последиците од невремето беа видливи и долж брегот на Босфорот. Поради наносите на кал од копното, морската вода на одредени места доби кафеава боја. Промената особено се забележуваше кај Еминону, како и во водите пред палатата Топкапи.
Според Центарот за координација на вонредни состојби во Истанбул (АКОМ), во населбата Бејкоз, од полноќ во вторникот до 7.30 часот наутро, биле измерени 269,5 литри дожд на квадратен метар.
Вршителот на должноста градоначалник на Истанбул, Нури Аслан, изјави за агенцијата Анадолија дека градот се соочил со еден од најинтензивните дождовни бранови во последните години. На одделни локации биле измерени меѓу 130 и 273,1 литри дожд на квадратен метар, а најпогодени биле областите околу Босфорот и северните делови од европската страна на градот.
Врнежите започнале во вторникот, а дополнително се интензивирале во текот на вечерта, кога биле поплавени бројни улици и подвозници. Повеќе возила останале заробени во водата, додека жителите на делови од градот биле блокирани во своите домови и на работните места.
Спасувачките служби продолжуваат со активностите за справување со последиците од невремето и потрагата по исчезнатите лица.

































