Основното јавно обвинителство Тетово отвори истрага против 20-годишен жител на селото Голема Речица, осомничен за компјутерска измама, злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија.
Од Обвинителството информираат дека по повеќемесечни предистражни дејствија, координирани од јавен обвинител, биле обезбедени докази што упатуваат на основано сомнение за сторени кривични дела.
Според истрагата, во периодот од 2025 до 2026 година осомничениот администрирал нелегална група на апликацијата „Телеграм“, преку која нудел услуги и софтверски алатки за измами поврзани со незаконско враќање парични средства.
Тој се сомничи и дека управувал со домени и веб-страници поврзани со платформата OLVX, која функционирала како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела.
Како што наведуваат од Обвинителството, платформата ја користеле лица инволвирани во сајбер-криминал, кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки. Во периодот на нејзиното функционирање биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни податоци на физички и правни лица.
При претрес извршен по судска наредба, на барање на јавен обвинител, биле одземени два мобилни телефона. При увид во еден од уредите, во скриена папка биле пронајдени 29 видеозаписи со експлицитна содржина. Поради ова откритие, против осомничениот е отворена истрага и за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија.
Поради тежината на кривичните дела што му се ставаат на товар, опасноста од бегство и можноста за повторување на делата, јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот суд Тетово за определување мерка притвор.
Постапката е во истражна фаза, а наводите против осомничениот треба да бидат предмет на понатамошна судска постапка.



































