Фото: Ка.М.

Десет основни училишта во Прилеп добија донација на асистивни помагала наменети за учениците со оштетен вид, со цел да им се олесни следењето на наставата и да се подобрат условите за учење и напредување.

Иницијативата е реализирана во координација со стручните служби во училиштата, со цел донацијата да одговори на конкретните потреби на учениците. Помагалата ќе можат да ги користат и други ученици со попреченост, во согласност со нивните индивидуални потреби.

Фото: Ка.М.

Донацијата ја обезбеди пратеничката Билјана Кузманоска, претседателка на Унијата на жени при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. Таа истакна дека општествената одговорност добива вистинско значење кога се преточува во конкретни активности што придонесуваат за подобрување на условите во заедницата, особено во образованието.

Емилија Димеска, специјален едукатор и рехабилитатор во основното училиште „Блаже Конески“, посочи дека асистивната технологија ќе придонесе за подобрување на образовните можности и напредокот на учениците со оштетен вид. Според неа, во општина Прилеп има околу 100 ученици од оваа категорија.

За потребите на учениците со посебни образовни потреби се вложува и во другите училишта во градот. Во основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ има 15 ученици со посебни образовни потреби.

Фото: Ка.М.

Директорката на училиштето, Снежана Шубеска, истакна дека училиштето располага со посебна училница за овие ученици, континуирано набавува опрема, користи донации и вложува во нивната едукација.

Со ваквите иницијативи се создаваат подобри услови за инклузивно образование и поголеми можности за учество на учениците со попреченост во наставниот процес.

Ка.М.