Фото МИА

Македонија и Хрватска влегуваат во нова фаза на економско, транспортно и инфраструктурно поврзување, со фокус на изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, зголемување на трговската размена и отворање нови туристички и инвестициски можности, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу двете држави во Охрид.

Како што соопшти Министерството за транспорт, Николоски истакнал дека односите меѓу Македонија и Хрватска се традиционално блиски и пријателски, а политичката соработка дополнително се зајакнува преку партнерството на ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ во рамки на Европската народна партија.

Тој посочи дека Хрватска била меѓу првите земји кои помогнале во решавањето на проблемот со визите за македонските транспортери, преку законско решение што им овозможува полесен пристап до европскиот пазар.

Според Николоски, трговската размена меѓу двете земји во моментов изнесува околу 300 милиони долари, при што Македонија има мал суфицит, а целта е таа да достигне најмалку 400 милиони долари.

На средбата со хрватскиот вицепремиер и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ, посебен акцент бил ставен на инфраструктурното поврзување и проектите на Коридорот 10.

Николоски истакна дека Хрватска ќе инвестира околу 2,2 милијарди евра за изградба на брза пруга на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Словенија, додека Македонија планира изградба на брза железничка линија на истиот коридор, од границата со Грција до границата со Србија, во вредност од околу две милијарди евра.

Според него, реализацијата на овие проекти ќе придонесе за поголем транспорт и превоз со брзи возови низ регионот.

Тој ја поздрави и иницијативата за отворање директна авионска линија меѓу Охрид и Дубровник, оценувајќи дека тоа ќе ја зголеми туристичката размена и ќе придонесе за поголем број хрватски туристи во земјава.