ВО ПРЕСРЕТ НА ЈУБИЛЕЈНИОТ 50. МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „МАКЕДОНСКИ БИСЕР 2026“
- „Македонски бисер“ е настан со историја и огромно значење. Наша задача е да ја задржиме таа традиција жива и да создадеме нови шампиони, вели носителот на бронза од ЛОИ 2000, Могамед Ибрагимов
Утре сите патишта во Македонија ќе водат кон Радовиш. Додека градот се подготвува за 50. јубилејно издание на Меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер 2026“, низ улиците и во реновираната сала на БК Бучим веќе се чувствува препознатливата „позитивна трема“. Ова не е само уште еден спортски настан, ова е прослава на еден од најтрофејните спортови во државата.
Борењето не е само спорт во Радовиш, тоа е дел од локалниот идентитет уште од 1962 година, кога официјално е основан боречкиот клуб Бучим. Низ годините, овој клуб израсна во еден од најславните спортски колективи во државата, успевајќи да го искачи Радовиш на европскиот и светскиот боречки врв. За постарите генерации, името БК Бучим буди спомени на златните времиња од 1995 и 1996 година. Тогаш клубот ги освои светската и европската клупска титула, како и престижниот интерконтинентален трофеј. Токму таа „шампионска ДНК“ е она што го прави „Македонски бисер“ толку посебен, тоа е турнир изграден врз темели на вистински успех. Радовиш не само што бил домаќин на големи настани туку бил и дом на имиња што ја испишаа спортската историја на Македонија. Невозможно е да се зборува за боречката традиција без да се споменат великаните како Могамед Ибрагимов, освојувачот на првиот олимписки медал, бронзен, за независна Македонија, во Сиднеј во 2000 година, кој денес со истата страст ја извршува функцијата спортски директор на клубот, информираат од БК Бучим.
– „Македонски бисер“ е настан со историја и со огромно значење. Наша задача е да ја задржиме таа традиција жива и да создадеме нови шампиони – вели Ибрагимов, кој работи со младите надежи во салата што неодамна доби целосно нов изглед.
Годинашниов јубилеј е момент кога се среќаваат минатото и иднината. Со новото раководство, БК Бучим најавува враќање на клубот на старите патеки. Амбициите се јасни, повторно враќање на врвот во Македонија и освојување медали на меѓународната сцена. За публиката, 30 мај ќе биде ден за уживање. Покрај врвните борби на кои ќе учествуваат натпреварувачи од над 10 земји, Радовиш уште еднаш ќе покаже зошто е град каде што борењето се живее со срце. Турнирот, кој е препознаен и од Обединетото светско борење, останува најсјајниот симбол на македонскиот спортски идентитет. Како што велат во Радовиш, традицијата продолжува токму таму каде што припаѓа, на душекот, велат од клубот. Г.И.
































