(втор дел)
На 24 јуни 2022 година, експресно, Народното собрание на Бугарија прифати четири дополнителни услови на француската предлог-преговарачка рамка од 23 јуни 2022 година за одржување на првата меѓувладина конференција ЕУ-Македонија: (1) ефикасно имплементирање на договорот Заев-Борисов, (2) впишување на Бугарите во Уставот како државотворен народ, (3) ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и (4) европски гаранции дека бугарските услови ќе бидат исполнети!
На 30 јуни 2022 година, на самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседател Емануел Макрон понуди модифицирана Преговарачка рамка, полоша од првобитната верзија објавена на 23 јуни 2022 година во Брисел. Имено, наместо Меѓувладина конференција ЕУ-Македонија на која ќе се утврди Преговарачката рамка, беше утврдено: Прво одржување на политички состанок ЕУ-Македонија, на кој треба да се потврди протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година без ратификација во македонското Собрание (Бугарите веќе ја знаеле неговата содржина, затоа еден месец пред неговото потпишување го предлагаат за прифаќање), а за спроведување на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година. Во протоколот за спроведување на договорот се содржани сите идентитетски, образовни и историски прашања за денационализација на македонскиот народ. А, услов за одржување на првата меѓувладина конференција, пак, на која ќе биде утврдена Преговарачката рамка, се: Собранието на Македонија да ги впише Бугарите во Уставот на државата Македонија како државотворен народ, за што е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Иако се знае дека евентуална процедура за изменување и дополнување на Уставот ќе ги заостри македонско-албанските односи поради барањето од Тиранската платформа од 29 декември 2016 година – членот 7 став 1 од Уставот да гласи: „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службени јазици се македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо“. За ова СДСМ неколкупати досега прокламира согласност.
На 9 јули 2022 година поранешниот претседател на Бугарија, сега премиер, Румен Радев, во интервју за германскиот весник „Берлинер цајтунг“ рече: „Според европскиот консензус, Северна Македонија мора да го промени својот устав и да ги вклучи Бугарите заедно со другите шест државотворни народи. Само тогаш можат да започнат преговорите со Европската Унија!“
На 16 јули 2022 година, на 81-та седница, Собранието на Македонија со 68 гласа „за“ (СДСМ-ДУИ) усвои заклучоци за прифаќање на француската преговарачка рамка без да го види протоколот Османи-Генчовска.
На 17 јули 2022 година, во Софија, министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, склучија протокол како анекс за имплементирање на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, кој ги содржи сите идентитетски, образовни и историски прашања, со кои Македонија од држава треба да стане територија без македонски народ и историја чиј администратор, покрај Атина, ќе биде и Софија!
На 19 јули 2022 година, атипично и во нестандардна процедура, се одржа политички меѓувладин состанок ЕУ-Македонија, на кој беше поздравено потпишувањето на протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година и беше препорачано како услов за одржување на првата меѓувладина конференција ЕУ-Македонија, Македонија да ги впише Бугарите во Уставот според барањата на Софија!
И покрај тоа што француската преговарачка рамка за членство на Македонија во Европската Унија од 30 јуни 2022 година претставува грубо кршење на меѓународното право и договорот за Европската Унија…
На 14 април 2025 година, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) објави дека новата германска влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД, под премиерската палка на Фридрих Мерц, го промени курсот во однос на проширувањето на Европската Унија: Без укинување на правото на вето во ЕУ, тешко до ново проширување!
На 14 април 2025 година високата претставничка на ЕУ за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција изјави: „Нема гаранции дека по уставните измени ќе нема пречки на европскиот пат на Северна Македонија! ЕУ и земјите членки не можат да гарантираат дека по спроведувањето на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историјата!“
На 15 април 2025 година тогашниот бугарски министер за надворешни работи Георг Георгиев за емисијата „Брисел 1“ на државната бугарска телевизија изјави: „Многу е важно да се знае дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите како државотворен народ се само прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на земјава за членство во Европската Унија!“
На 13 јуни 2025 година, за време на посетата на Македонија, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави: „Да, Бугарија го блокира вашиот пат, но вие не чекате 20 години само поради тоа. Реалноста е многу потешка – државите што искрено го поддржуваат проширувањето на Западен Балкан се малцинство во Европската Унија… Кога се пред јавноста, зборуваат убаво за вашето членство. Но, штом вратите се затворат, веднаш почнуваат аргументите зошто Европската Унија не треба да се проширува. Ако беа искрени, ќе бевте членка одамна!“
Впрочем, во 2012 година Германија предложи „Европа со две брзини“. Во 2017 година САД предложија создавање „мала Европска Унија“ за земјите од Западен Балкан, како супститут на полноправно членство во Европската Унија. Во 2019 година Франција предложи „привилегирано партнерство“ за земјите од Западен Балкан – да имаат пристап до европските фондови и пазари, но без право на одлучување, со обврска да се придржуваат на политиките на Брисел. Во 2020 година Франција ги заостри критериумите за членство во Европската Унија! Во 2022 година Франција предложи Европска политичка заедница за земјите од Западен Балкан, исто така како замена за членство во Европската Унија.
На 23 јуни 2016 година Британците на референдум гласаа за напуштање на Велика Британија од членство во Европската Унија: Велика Британија ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година, на 17 октомври 2019 година ЕУ го прифати договорот за повлекување на Велика Британија од членство во ЕУ, а тој пак стапи во сила на 1 февруари 2020 година.
Сѐ уште се паметат изјави на бугарските челници… Во јануари 2017 година поранешниот бугарски претседател Георги Прванов, во неговото последно телевизиско интервју на крајот од претседателскиот мандат, на Државната бугарска телевизија рече: „Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот, бидејќи е антибугарска и антидемократска идеологија!“ А, на 20 јануари 2022 година, пак, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, кој на прашање на новинската агенција БГНЕС, за резултатот од неодамнешната посета на тогашниот бугарски премиер Кирил Петков на Скопје, рече: „Не сакаме со Македонија да ги внесеме Тито и Сталин во Европската Унија!“
И да не заборавиме, оној Љупчо Георгиевски, претседател на здружението „Ванчо Михајлов“ од Битола, во интервју на 29 јуни 2022 година за емисијата „Тази сутрин“ на БТВ го откри рецептот како се станува Бугарин во Македонија: „Ние не сме се родиле како Бугари во Македонија. И така, така, читаш, едно два-три месеци не спиеш и ќе се разбудиш како Бугарин.“ А, претседателот на бугарската антимакедонска фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, во својата ФБ-објава од 24 мај 2026 година ги испокара сите од Македонија што во Софија земаат пари за да бидат Бугари, а во Македонија ги нема никаде, се кријат дома.
Македонците се за историско помирување на македонскиот народ со сите соседни народи и склучување договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со сите соседни држави. Меѓутоа, врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
Конечно, Македонците отфрлаат впишување на Бугарите во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот на државата Македонија, затоа што етнички Бугари во Македонија нема! На забелешките на македонската страна – Бугари во македонскиот устав, ама и Македонци во бугарскиот устав, Софија одговара дека македонскиот устав е национален, а бугарскиот е граѓански. Ако им кажете дека во преамбулата на бугарскиот устав пишува „Ние, бугарскиот народ, донесовме Устав на Република Бугарија“, веднаш ви одговараат дека бугарскиот народ е синоним за демос, а не за етнос. Демек, под Бугари се подразбираат сите бугарски државјани независно од етничкото потекло. Во Бугарија по Устав сите биле Бугари како демос, а не како етнос! Ако е така, тогаш „делот од бугарскиот народ“ никако не може да биде дел од Уставот на државата Македонија, бидејќи Македонија не е дел од државата Бугарија! Ирелевантни се бугарските државјанства за македонски државјани и нивните декларации за етничкото потекло при прием во бугарско државјанство пред бугарските надлежни органи! Ако ниту бугарскиот устав не признава етнички Бугари во Бугарија, зошто во Македонија мора да се признаваат етнички Бугари, па дури и да бидат впишани во Уставот на Македонија? Независно од содржината на уставните норми, и да ги нема, државите се должни да ги почитуваат меѓународното право и конвенциите за човековите и малцинските права! Во овој поглед, никој што се чувствува за Бугарин во Македонија не е дискриминиран по ниту една основа!
И дополнително, во сите устави на Македонија имаше одредби дека државата се грижи за унапредување на положбата и правата на „деловите на македонскиот народ во соседните земји“, имајќи предвид дека Македонија е негова матична држава! Со амандманите на Уставот од 2019 година, за првпат во историјата на Македонија се впишаа деловите на соседните народи во Уставот на Македонија, а грижата на Македонија за деловите на македонскиот народ во соседните земји со амандманите по војната во 2001 година се избриша! Да ја демистифицираме заблудата што врховистите и колаборационистите во Македонија ја шират: Со впишување на Бугарите во Уставот на Македонија се правела дистинкција меѓу македонскиот народ и бугарскиот народ. Не дообјаснуваат дека Бугарите во македонскиот устав не се впишуваат како национално малцинство, туку како „дел од бугарскиот народ“. Ако во преамбулата се впише „делот од бугарскиот народ“, за Софија сите Македонци во Македонија ќе бидат Бугари, бидејќи Бугарија е матична држава на бугарскиот народ, а Македонците ги смета за Бугари!
Македонија формалноправно се откажа од грижата за деловите на македонскиот народ во соседните земји со македонско-грчката привремена согласност до 13 септември 1995 година меѓу министрите за надворешни работи Стево Црвенковски и Каролос Папуљас и македонско-бугарската заедничка декларација од 22 февруари 1999 година меѓу премиерите Љупчо Георгиевски и Иван Костов. Затоа што македонската влада декларира дека членот 49 од Уставот значи грижа на Втората страна само за нејзини државјани во странство, а не за Македонци – припадници на македонскиот народ!
Апсурдот да биде поголем, со уставниот амандман XXXVI, Република Македонија треба да се грижи и за „дијаспората на делот на бугарскиот народ“ надвор од Македонија. Или Македонија треба да се грижи и за Бугарите од Македонија ако живеат во Бугарија, меѓу другите земји надвор од границите на Македонија во светот.
Излезот од оваа папазјанија е итно и безусловно еднострано: раскинување на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година со протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година; распуштање на меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја; и продолжување на членството во ООН под единственото државно историско и генеричко име, кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија! Уставниот суд мора да го поништи протоколот Османи-Генчовска по иницијатива на СМК од 14 август 2025 година, иако, неразбирливо, до денес молчи, по обичај.
Тодор Петров
крај
































