Nikusor Dan Romanski pretsedatel
Фото: ЕПА

Романскиот претседател Никушор Дан за денеска го свика Врховниот совет за национална одбрана по падот на беспилотно летало врз станбен блок во градот Галати, што романските медиуми го оценуваат како најсериозен инцидент на романска територија од почетокот на руско – украинскиот конфликт.

Во инцидентот избувнал пожар, а две лица биле полесно повредени.

Вршителот на должност премиер Илие Боложан соопшти дека веднаш бил во контакт со министерот за одбрана и дека биле преземени сите мерки за заштита на населението, пренесе МИА.

 – Ова е неприфатлива ситуација и уште едно нарушување на воздушниот простор предизвикано од неодговорното продолжување на руската агресија врз Украина – изјави Боложан.

Тој нагласи дека војната во Украина продолжува директно да влијае врз безбедноста на Романија и земјите од источното крило на НАТО, додавајќи дека Романија ги информирала своите сојузници и партнери за инцидентот.

Романскиот премиер посочи и дека одбранбениот одговор бил ограничен од достапната опрема, поради што најави забрзување на набавката на системи против дронови преку европската програма за безбедносна акција за Европа.

Според неговите најави, договорот за новата опрема ќе биде потпишан во наредните часови, а испораката на системите против дронови се очекува да започне во следните неколку месеци.