Звукот на клепалото ја најавува поворката, ден по Ѓурѓовден, кога во торжествена литија низ улиците на Струга, моштите на Свети Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона традиционално го осветуваат градот. Во неа се редат млади облечени во стихари, кои носат црковни рипиди и бајраци. Во празнични одежди чекорат свештенството и архијереите на Македонската православна црква – ОА, по кои следува раскошно украсениот цветен епитаф со чесните мошти на Свети Георгиј.
Четворица угледни граѓани ја носат чудотворната икона на Свети Великомаченик Георгиј од истоимениот храм во Струга. Поворката продолжува со верници во свечени стихари и развиорени црковни знаменија. Дувачкиот оркестар на Град Скопје и оркестарот на државното средно музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Струга ги интонираат празничните химни. Во литијата учествуваат и монаси од манастирите на епархијата и од целата МПЦ-ОА.


Поворката ја предводи церемонијално полициско возило, што симболично го одбележува чествувањето на Свети Великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносните сили. Меѓу возилото и литијата дефилира коњаник облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали и верна на оригиналните оклопи од тоа време. Во раката носи палмина гранка – симбол на мирот, со која ја најавува процесијата.
Вака изгледаше само дел од свечената атмосфера денеска во градот на поезијата.

Во досега најмасовната и најдобро организирана литија беа присутни црковни великодостојници од највисок ранг, на чело со Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и владиката на надлежната Дебарско-кичевска епархија Георгиј, како и владиката тетовско-гостиварски Јосиф. Меѓу останатите, присутни беа и претставници на монашкото братство на „Св. Јован Бигорски“, предводени од архимандритот Доситеј.

Утрово во храмот „Свети Георгиј“ во Струга беше отслужена архијерејска литургија и свечена соборна литија, со кои чиноначалствуваше г.г. Стефан, заедно со митрополитот дебарско-кичевски Георгиј и митрополитот тетовско-гостиварски Јосиф. Моштите на светителот од манастирот во Рајчица свечено беа пречекани околу 13 часот во храмот „Свети Георгиј“, каде што верниците се поклонуваа пред нив.
По вечерната богослужба во 16 часот низ струшките улици продолжи традиционалната литија, збогатена и со настап на културно-уметничките друштва „Илинден“ од Струга и „Дримкол“ од Вевчани, чии членови носеа локални народни носии. Таа годинава доби и хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за лица на кои им е потребна помош.

Денешната литија во чест на Свети Георгиј во Струга беше одбележана со огромна масовност и силно присуство на самите стружани и жители од целото струшко. Улиците на градот беа исполнети со верници, семејства, млади и повозрасни граѓани кои здружено се приклучија на свечената поворка. Со молитви, достоинство и духовна радост, илјадници граѓани му оддадоа почит на светецот-заштитник Свети Георгиј.
Особено впечатлива беше сплотеноста и заедништвото што денес се чувствуваше низ целиот град. Граѓаните со голема посветеност ја следеа литијата, претворајќи ја во еден од најмасовните духовни собири во последните години. Одекнуваа црковни песни и молитви, додека поворката достоинствено се движеше низ улиците на Струга. Многумина истакнаа дека токму ваквите моменти ја покажуваат силата на верата и традицијата кај народот.


Литијата уште еднаш ја потврди длабоката поврзаност на стружаните со православната духовност и вековните обичаи. Со мир, почит и заедничка молитва, денешниот ден остави силен белег кај сите присутни.
Струга денес живееше во духот на заедништвото, верата и почитта кон светиот великомаченик Георгиј.

Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.
Фото: Н.М.

Фото: Н.М.