Фото: МФ/Фејсбук

Министерството за финансии спроведе вонреден надзор над работењето на финансиските друштва, при што на две друштва им изрече привремена забрана за одобрување кредити во времетраење од 30 дена, како и парични глоби согласно законските прописи.

Вонредниот надзор бил спроведен во изминатите три месеци, по пријави од граѓани, врз основа на кои Министерството презело соодветни мерки во рамки на своите законски надлежности.

Од Министерството за финансии информираат дека континуирано го следат работењето на финансиските друштва. Од јули 2024 година досега, изречена е мерка за одземање на четири дозволи за работа, привремено затворање на три финансиски друштва, како и глоби за 18 друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра. Дополнително, издадени се 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности.

Надзорот се спроведува согласно Законот за финансиските друштва и подзаконските акти, преку континуирано вонтеренско следење и непосредни контроли. Особено внимание се посветува на претставките, пријавите и информациите доставени од граѓаните, кои претставуваат значаен извор на сознанија за работењето на овие субјекти и за евентуалните ризици за корисниците на финансиски услуги.

Секоја претставка или пријава доставена до Министерството за финансии се разгледува во рамки на неговите законски надлежности, а во зависност од нејзината содржина и наводите, се преземаат соодветни активности.

Од Министерството најавуваат дека надзорот и засиленото следење на работењето на финансиските друштва ќе продолжат и во иднина, со цел унапредување на законитоста и транспарентноста во нивното работење и зајакнување на заштитата на граѓаните како корисници на финансиски услуги.

Министерството ги охрабрува граѓаните кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за неправилности во работењето на финансиските друштва да поднесат пријава. Пријавите може да се достават преку архивата на Министерството за финансии, по пошта на адреса ул. „Даме Груев“ бр. 12, Скопје, или на електронската адреса [email protected].