Фото: Фејсбук на МВР

Полицијата од Велес одзеде автобус со скопски регистарски ознаки откако бил пријавен дека неколкупати се расипал додека превезувал деца кои се враќале од екскурзија.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен од родител чие малолетно дете патувало во автобусот, сопственост на правно лице од Скопје. Според пријавата, возилото повеќепати останувало во дефект за време на патувањето.

На 8 мај околу 22:50 часот, полициски службеници од СВР Велес го запреле автобусот „Сетра“ на наплатната станица „Отовица“ на автопатот Велес–Скопје. Возилото го управувал А.Ѓ. (43) од Скопје.

Автобусот бил одземен и пренесен на вонреден технички преглед за да се утврди неговата техничка исправност. Во меѓувреме, патниците биле безбедно пренесени до крајната дестинација со друг автобус.

Од МВР најавија дека по завршување на техничкиот преглед и целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави и поднесоци.