Семејството Болсонаро има нов претседателски кандидат во Бразил
- Доколку биде избран за претседател на Бразил, Флавио Болсонаро најави дека ќе го помилува својот татко Жаир Болсонаро, кој отслужува 27-годишна затворска казна. Но тој инсистира дека неговата кандидатура е повеќе од едноставно зачувување или рехабилитација на презимето Болсонаро во политиката
Со недели најблиските советници на Жаир Болсонаро предлагаа алтернативи. Поранешниот претседател на Бразил, кој отслужува 27-годишна затворска казна за обид за државен удар по поразот на изборите во 2022 година, бараше наследник да го предводи во годинашната претседателска трка популистичкото движење што тој го создаде.
Неговите сојузници зазедоа јасен став, сметајќи дека презимето Болсонаро станало „токсично“ по хаотичното претседателствување на Жаир Болсонаро, поради лошото справување со пандемијата на ковид-19 и по осудата за обид за поткопување на младата демократија на Бразил. Следниот лидер на движењето на Болсонаро, како што рекоа тие, не може да биде член на семејството Болсонаро. Но во декември минатата година Жаир Болсонаро го повика својот најстар син во неговата затворска ќелија и одлучи да ги игнорира сите.
„Флавио, тоа мора да бидеш ти“, рекол постариот Болсонаро, како што раскажува неговиот син. „Тато, ако велиш така, тогаш се согласувам“, рекол Флавио Болсонаро.
Советниците на Болсонаро можеби биле во право: нов кандидат би можел да се бори посилно против неговиот ривал, политичарот што го победи на гласањето во 2022 година, левичарскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва. Тројца од неговите сојузници изјавија за „Вашингтон пост“ дека поранешниот претседател, затворен во ќелија од 130 квадратни метри во федерален полициски објект во главниот град на земјата, најпосле заклучил оти може да му верува само на некој со иста крв, за да ја спроведе најважната мисија: обезбедување на неговата слобода.
Семејното презиме најголем адут, но и главен хендикеп
Во длабоко поларизираната земја, Флавио Болсонаро признава дека семејното презиме истовремено е негов најголем адут и главен хендикеп. Брендот Болсонаро сè уште ужива силна лојалност меѓу милионите гласачи што го поттикнаа најуспешното десничарско движење во Бразил од крајот на воената диктатура во 1985 година, посветеност слична на онаа на поддржувачите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој важи за семеен пријател и сојузник на Болсонаро.
Но презимето Болсонаро е исто така неразделно од навреди врз малцинствата, од хаотичниот одговор на една од најсмртоносните епидемии на коронавирус во светот и од кампањата за реизбор, која започна со лажни тврдења за изборна измама и заврши со упад на илјадници негови поддржувачи во претседателската палата, Конгресот и во Врховниот суд, во обид за поништување на неговиот пораз. А сега, синот се обидува да ги увери Бразилците дека е како неговиот татко, но сепак различен.
– Јас сум приземјен, повеќе сум склон кон дијалог и кон градење мостови. Јас сум Болсонаро каков што отсекогаш бил посакуван – изјави 44-годишниот сенатор за „Вашингтон пост“.
Сите четворица синови на Жаир Болсонаро се во политиката. Четириесет и тригодишниот Карлос вкупно 25 години беше член на Градскиот совет во Рио де Жанеиро, по што се повлече од функцијата во декември за да се кандидира за Сенатот. Четириесет и едногодишниот Едуардо 10 години беше федерален пратеник од Сао Паоло, пред да биде исклучен во декември поради повеќекратни отсуства (откако се преселил во САД). Жаир Ренан (28) служи во градскиот совет во крајбрежна заедница на околу 650 километри јужно од Сао Паоло.
Поумерен Болсонаро со слични ставови
Темната коса, светлите очи, начинот на говорот и гласната смеа на Флавио Болсонаро потсетуваат на неговиот татко. Адвокат по образование, тој се претставува како поумерен, помалку конфронтациски настроен од неговиот татко. Но, за Бразилците, неговите ставови звучат познато. Тој негираше дека неговиот татко се обидел да изврши државен удар и побара од Сенатот да го разреши судијата на Врховниот суд што претседаваше со неговата пресуда. Тој судија, Александар де Мораес, месецов одобри истрага на федералната полиција за тоа дали Флавио Болсонаро го клеветел Лула во објави на социјалните мрежи што го поврзуваат бразилскиот претседател со трговија со дрога.
Флавио Болсонаро вети дека ќе се бори против „воук-агендите и радикалниот екологизам“. Тој промовираше построга примена на законот, вклучувајќи и намалување на возраста за одговорност за насилни злосторства на 14 години. А доколку биде избран, Флавио Болсонаро најави дека ќе го помилува својот татко Жаир, но инсистира дека неговата кандидатура е повеќе од едноставно зачувување или рехабилитација на презимето Болсонаро во политиката.
– Не можам да се дистанцирам од него. Ќе ги бранам него и неговата администрација. Умереноста ќе дојде во начинот на кој ги спроведувам моите идеи – порача Флавио Болсонаро.
Претседателската трка веќе се покажува како конкурентна, како и онаа во 2022 година, кога Лула го победи Жаир Болсонаро во најтесното гласање во историјата на Бразил. На почетокот на годинава анкетите покажаа дека Лула има двоцифрена предност пред Флавио Болсонаро. Но поновите анкети, спроведени во услови на растечки цени, недостиг од јасни владини пораки и зголемено фрустрирање од естаблишментот, сугерираат дека трката е стеснета. Кандидатите се исто така изедначени во нивното отфрлање од дел од гласачите: слични се бројките на оние што велат дека никогаш не би гласале за Лула, односно никогаш не би гласале за Флавио Болсонаро. Аналитичарите велат дека стеснувањето ги одразува и длабоката политичка поларизација во Бразил и поширокиот тренд во Латинска Америка, каде што загриженоста за криминалот и фрустрацијата од актуелните функционери турнаа некои гласачи кон десно.
Стратезите за Лула се обложуваат дека во август, кога кандидатите можат да се рекламираат, тој ќе може да врати дел од таа предност со спотови што ќе ги потсетуваат гласачите на социјалните програми што ги воспоставил за да го зајакне својот имиџ како заштитник на сиромашните. Неговата кампања исто така ќе се обиде да го „поврзе“ синот Флавио со неговиот татко Жаир Болсонаро.
Флавио Болсонаро се стреми да ја прошири поддршката во однос на неговата основна гласачка база, особено меѓу жените, кои сочинуваат 52 отсто од бразилскиот електорат. Тој исто така се обидува да допре до гласачите што се идеолошки неодредени, кои веројатно ќе одлучат за исходот годинава. Сепак, дури и некои од најлојалните сојузници на неговото семејство се прашуваат колку далеку може да стигне со презимето Болсонаро.
Младоста го издвојува Флавио Болсонаро од ривалите
Жаир Болсонаро беше осуден за обид за насилно соборување на демократското владеење на правото и други поврзани обвиненија. Обвинителите рекоа дека тој водел заговор што вклучувал планови за атентат врз Лула и други функционери. Тој негира дека сторил нешто незаконско. Жаир Болсонаро и неговите поддржувачи, меѓу кои е и американскиот претседател Трамп, го оценија неговото гонење како политички прогон.
На конференцијата за конзервативна политичка акција во американската сојузна држава Тексас во март, Флавио Болсонаро ја повика меѓународната заедница – очигледна референца на администрацијата на Трамп – да обезбеди „слободни и фер“ избори во Бразил. Но тој изјави за „Вашингтон пост“ дека ќе се придржува до резултатите „без оглед на тоа што ќе се случи“, додавајќи дека не очекува никаква интервенција од Трамп“.
Во своите две децении во политиката, Флавио Болсонаро служеше 12 години како државен пратеник во Рио де Жанеиро и осум како федерален сенатор. Тој никогаш не бил на извршна функција. Во единствената досегашна кандидатура за градоначалник на Рио во 2016 година, тој завршил четврти во гласањето.
Флавио Болсонаро е обвинет за потпишување корумпирана шема во која платите на јавните службеници биле пренаменети, како и за одржување врски со корумпирани полицајци во Рио. Но тој негира дека сторил нешто лошо. Обвинителите препорачаа тој да биде обвинет за проневера, перење пари и за криминално организирање, но случајот беше отфрлен од Вишиот суд.
Камила Роча, истражувачка во бразилскиот Центар за анализа и планирање, која ја проучува бразилската десница веќе една деценија, рече дека дури и поранешните поддржувачи на Болсонаро ги гледаат неговите синови со сомнеж. Но таа додава оти „Флавио се смета за помирувачка личност и е најмалку експониран од четирите сина на Жаир Болсонаро, со што отелотворува чувство на обнова, што е особено моќно на избори на кои Лула има 80 години и се стреми кон четврти мандат како претседател“.
Флавио Болсонаро исто така тврди дека неговата младост и здравје го издвојуваат од ривалите. Неговиот татко, кој има 71 година, се соочува со здравствени проблеми откако беше избоден на предизборен настан во 2018 година. По неодамнешната хоспитализација поради пневмонија, му беше дадено отсуство за да закрепне дома, во домашен притвор, пред евентуалното враќање во затвор. Р.С.
































