Музејот на Народната банка претставува промотор на културното наследство и чувар на монетарната историја
Улогата и значењето на Музејот на Народната банка во културниот живот на државата, но и како институционален симбол на националниот идентитет и чувар на монетарната историја на Македонија, ги истакнува д-р Ефтимија Павловска, самостоен кустос во Народната банка, во разговор за „Нова Македонија“. Таа посочува дека станува збор за единствениот специјализиран нумизматички музеј што дејствува во состав на институција и поседува богата колекција од околу 23.000 примероци, пред сѐ монети, но и банкноти и нумизматички предмети, кои ја следат историјата на парите низ речиси 2.600 години. Во интервјуто д-р Павловска се осврнува и на дејноста на музејот што опфаќа анализи, истражувања, изложби и едукативни програми, како и заштита на вредните експонати од културното наследство на Македонија.
Ефтимија Павловска е доктор по науки и кустос во Музејот на македонската Народната банка, каде што работи како самостоен кустос и автор на стручни публикации од областа на нумизматиката и монетарната историја. Таа е позната по својата работа на промоција и истражување на македонското монетарно наследство, вклучувајќи ја и книгата „Монетите на Аргеадите од Нумизматичката збирка на Народната банка“. Д-р Павловска во име на Народната банка даде интервју за весникот „Нова Македонија“.
Каква е улогата на Музејот на Народната банка во културниот живот на државата?
– Музејската дејност во Народната банка е востановена уште во 1999 година, со формирањето на Нумизматичката збирка, преку откуп и донации на стари и ретки монети откриени на македонската почва, со цел да се зачува и да се промовира движното културно наследство. Денес, 27 години подоцна, Музејот на Народната банка претставува единствениот специјализиран нумизматички музеј што дејствува во состав на институција и поседува богата колекција од околу 23.000 примероци, пред сѐ монети, но и банкноти и нумизматички предмети. Тие ја следат историјата на парите низ речиси 2.600 години, од архајскиот период до современото време, и сведочат за културните и за економските процеси што се одвивале на македонската почва во различни епохи. Со тоа, Музејот на Народната банка има значајна улога во културниот живот на државата. Тој претставува промотор на културното наследство, но и чувар на монетарната историја. Притоа, бидувајќи дел од централната банка, претставува и своевиден мост помеѓу културата и економијата, покажувајќи дека парите не се само средство за размена туку се и дел од идентитетот и од меморијата на еден народ.
Како Музејот на Народната банка ја претставува историјата на парите како дел од националната меморија?
– Во Музејот на Народната банка историјата на парите ја прикажуваме преку нашите изложбени и едукативни активности; тие им овозможуваат на посетителите да ја почувствуваат историјата, а не само да ги гледаат експонатите зад витринското стакло. Во сегашната постојана изложба, која е поставена во 2012 година и е насловена „Парите и паричните системи во Македонија“, се изложени внимателно селектирани примероци, и тоа околу 1.000 поединечни монети и банкноти, кои се надополнети и со монети од остави (групни наоди). Експонатите ја следат монетарната историја, почнувајќи од преминот на 6 во 5 век пр. н. е., кога започнал процесот на монетизација на територијата на современата македонска држава, и завршувајќи во 21 век, со изданијата на македонските денари.
Кои се најзначајните експонати во збирката и зошто?
– При збогатувањето на збирката, акцентот е првенствено ставен на локалното монетоковање, но и на уникатни и на ретки парични изданија. Експонатите што сведочат за најраните почетоци на монетоковањето на македонската територија, несомнено се едни од најзначајните во Збирката. Така, особено се важни монетите на древните жители на македонската почва, на автохтоното племе Дерони, но и на другите пајонски племиња (Лајаји, Мигдонци, Орески), кои се меѓу најстарите и најретките во Збирката. Всушност, благодарение на нивното монетоковање, територијата на нашата земја се вбројува меѓу првите европски области каде што започнало организирано ковање пари, уште во доцниот 6 век пр. н. е., само едно столетие по откривањето на монетоковањето во Лидија и во Јонија. Вистинска реткост се и изданијата на кралевите на Античка Пајонија, од 4 и од 3 век пр. н. е., која територијално во голема мера се идентификува со современата македонска држава; но значајни се и изданијата на локалните монетоковачници. Имено, од хеленистичкиот период тоа се ретките автономни бронзени монети од 2 век пр. н. е., на древниот Лихнид (денешен Охрид); од римскиот период, пак, бронзените монети на муникипијот Стоби, од 1 до 3 век. Музејот на Народната банка располага со најголемата јавна збирка на стобиски монети во светот (са. 2.600 примероци). Секако, вредни за споменување се и локалните монети на независните средновековни владетели од 14 век (Волкашин, Марко, Андрејаш), како и отоманските изданија ковани во Скопје, во Кратово и во Охрид (15 – 17 век).
Што ни кажуваат монетите и банкнотите за политичките и културните промени низ историјата?
– Монетите и банкнотите се вистинско огледало на времето во кое се создадени – тие носат информации за политичките, религиозните и културните процеси на различни епохи и претставуваат опипливи сведоштва за историски настани. На пример, за кралот Филип Македонски (358 – 336 г. пр. н. е.) победата на Олимписките игри во 356 г. пр. н. е. била многу значајна, а претставувала и негов политички успех и престиж, така што тој ја овековечил на своите златни статери, со реверсна иконографија, која лично тој ја одбрал. Слично на ова, реверсната претстава на тетрадрахмите на пајонскиот крал Патрај (340/35 – 315 г. пр. н. е.), која првобитно глорифицира воена победа од 331 година пр. н. е., подоцна, со видоизменување на иконографијата, укажува на промената на политичката ситуација во Пајонија – од зависност од Кралството Македонија до отфрлање на македонскиот суверенитет по смртта на Александар Велики (336 –323 г. пр. н. е.). Овие настани се поткрепени и со записи кај историските извори, но има и случаи кога монетата е единствениот доказ. Таква е уникатната сребрена монета на кралот Тевтај (са. 400 – са. 380/70 г. пр. н. е.), која е особено значајна, бидејќи е единствено сведоштво за неговото владеење и единствен извор што го споменува неговото име. Наведените примери покажуваат дека парите, покрај своите основни функции, имаат и значење како документи што ја раскажуваат историјата на народите и на нивните политички и културни промени.
Каква е врската помеѓу парите и идентитетот на еден народ?
– Парите не само што се визуелна декларација на државноста туку тие отсекогаш биле и симбол на националниот идентитет. Преку нивните претстави и натписи се одразуваат авторитетот, културата и вредностите на државата или владетелот што ги издава. Иконографијата на монетите е клучна за разбирањето на врската помеѓу државата и нејзиниот народ. На пример, најраните пајонски монети, иако имале сродна иконографија, носеле и белези на идентитетска автентичност. Така, на монетите на Дероните има приказ на пајонскиот бик (бизон) – животно карактеристично за локалната средина, но и религиозни симболи, како соларниот симбол, кој го одразувал култот кон Сонцето кај Пајонците. Всушност, религиозните слики, кои монетите честопати ги носеле, служеле за да ја легитимираат моќта. Оттаму, монетите на Античка Атина ги прикажувале божицата Атена и нејзиниот був, додека византиските монети, покрај светителите, ги прикажуваат и своите императори со божествени атрибути итн. И денес, националната самосвест се гради преку симболите на банкнотите, кои ги пренесуваат културната традиција и идентитетот на народот. Така, парите остануваат трајни сведоштва за тоа кои сме и што претставуваме како заедница.
Што отсликува дизајнот на модерните македонски банкноти?
– Дизајнот на македонските банкноти уште од самите почетоци е насочен кон прикажување симболи што ги одразуваат државноста, културата и природата на земјата. На нив се претставени предмети од богатото културно наследство на државата, поточно најзначајните археолошки откритија, икони, фрески и архитектонски градби од различни историски периоди, со што банкнотите стануваат живописен и оригинален приказ на македонската историја. Единствен исклучок од оваа концепција е апоенот од 500 денари, на чиј реверс е прикажан цвет на опиумски афион. Со него, покрај културните симболи, се нагласува и природното богатство на земјата.
Со кои дејности се занимава Музејот на Народната банка и како изгледа секојдневието на еден кустос?
– Иако Музејот на Народната банка е специјализиран нумизматички музеј, неговите дејности се идентични со оние на секој друг музеј, само што артефактите се монети и банкноти. Работата започнува со прибирање на старите пари, нивно документирање и стручна обработка, а продолжува со научни истражувања и со анализи. Новодобиените сознанија не остануваат само во рамките на институцијата туку тие се објавуваат во научни и во популарни публикации, достапни за пошироката јавност. Покрај тоа, Музејот активно подготвува изложби и едукативни програми, бидејќи музејската едукација и работењето со посетителите, од ученици до истражувачи, претставуваат суштински дел од музејската дејност. Оттаму, и секојдневието на кустосите е динамично и исполнето со различни задачи, од истражувачка работа и подготовка на содржини до директна комуникација со посетителите, така што тие се истовремено и истражувачи и едукатори, кои ја чуваат и ја пренесуваат историјата на парите на јавноста. Секако, многу важен сегмент во музејското работење претставува и заштитата на нумизматичките предмети, заради нивно долгорочно зачувување како дел од културното наследство за идните генерации.
Постојат ли предизвици во заштитата на нумизматичкото наследство?
– Металните предмети честопати се деликатни и чувствителни, така што заштитата на нумизматичкото наследство носи значителни предизвици, особено кога станува збор за бронзените и за сребрените монети, бидејќи за нив е потребен посебен третман. За таа цел, во рамките на Музејот на Народната банка функционира и специјализираната конзерваторска лабораторија за метал. Таму, под водство на музејскиот конзерватор, се спроведува процесот на зачувување на физичката состојба и автентичноста на монетите од збирката, кој опфаќа превентивна и куративна конзервација, правилно и долгорочно чување на монетите, како и постојано следење и оптимизирање на микроклиматските услови во музејските простории и редуцирање на ризиците што можат да влијаат врз експонатите.
Какви публикации издава Музејот на Народната банка?
– Музејот на Народната банка издава широк спектар специјализирани публикации, и тоа од изложбени каталози, музејски водичи и едукативни брошури до работни материјали за ученици, монографии и научни публикации од областа на нумизматиката, конзервацијата и монетарната историја. Покрај печатените изданија, Музејот подготвува и дигитални презентации и куси видеозаписи што го доближуваат македонското нумизматичко наследство до пошироката јавност. Насловите на повеќето публикации се достапни на веб-страницата на Народната банка, додека видеозаписите може да се погледнат и на официјалниот канал на институцијата на Јутјуб.
На кој начин може на младите посетители да им се доближи историјата на парите?
– Музејот на Народната банка е отворен за сите посетители, но најголемиот дел од публиката го сочинуваат токму младите, учениците од основните и од средните училишта, како и студентите. За нив се подготвуваат посебни едукативни програми што се изведуваат во рамките на постојаната поставка. Во зависност од возраста, младите се вклучуваат во интерактивни активности преку едукативни брошури, работни листови, видеопрезентации, квизови и креативни работилници. Така, културните вредности, македонското монетарно минато, но и процесите на конзервација и на заштита на нумизматичкото наследство, им се доближуваат на младите на еден живописен и забавен начин, кој ги поттикнува нивната љубопитност и интерес за културата.
Каде може да се добијат информации во врска со Музејот на Народната банка?
– Сите информации за Музејот на Народната банка, поточно за поставката, условите за посета и за начинот на закажување, се достапни на официјалната веб-страница на институцијата, во делот посветен на Музејот. Важно е да се истакне дека посетата е бесплатна за сите заинтересирани, така што Mузејот е целосно достапен за јавноста, како за домашните, така и за странските гости.
































