Министерката за енергетика Сања Божиновска најави дека Владата повторно би можела да преговара со OКТА за продолжување на попустите на горивата и по 18 мај, кога истекува актуелниот договор.
Според неа, одлуката ќе зависи од движењата на светските берзи и развојот на состојбата со конфликтот на Блискиот Исток.
– Следиме што се случува со цените на берзите и со војната. Неколку дена пред истекот на рокот ќе направиме проценка и ако е потребно повторно ќе преговараме со ОКТА за продолжување на попустот – изјави Божиновска на денешната средба со новинарите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во моментов, со договорот е предвиден попуст од четири денари за литар дизел и два денари за бензините.
Божиновска посочи дека Македонија е меѓу земјите со најниски цени на нафтените деривати во регионот и нагласи дека Владата презема мерки во интерес на граѓаните.
Таа информираше и дека Државен пазарен инспекторат и Царинска управа проверуваат дали имало реекспорт на нафтени деривати од земјава, додавајќи дека досега ниту една компанија не се обратила до Министерството во врска со тоа прашање.
Осврнувајќи се на можноста за промени во тарифните блокови за електрична енергија, Божиновска рече дека го поддржува преоценувањето на системот доколку тоа резултира со пониски сметки за граѓаните.
– Ако крајната цел е намалување на сметките, тогаш сме „за“ таква мерка – истакна министерката.






























