ОВР Прилеп поднесе известување против средношколец од Прилеп поради сомнение дека сторил кривично дело „компјутерски фалсификат“, информира Министерството за внатрешни работи во денешниот билтен.
Според МВР, ученикот се претставувал лажно како наставник по англиски јазик од основно училиште во Виница и преку социјални мрежи стапил во контакт со вработена во Министерството за образование и наука.
Откако ѝ посочила дека комуникацијата со наставници не треба да се води преку социјални мрежи, службеничката му креирала официјална електронска адреса од МОН и му доделила административен пристап до системот „е-дневник“, вклучително и лозинки од нејзината корисничка сметка.
На тој начин, како што наведува полицијата, пријавениот добил пристап до податоците на професори од целата држава, им помагал и ги координирал при користењето на електронскиот дневник.
Од МВР посочуваат дека ваквата активност траела од 2022 до ноември 2025 година, кога поранешна в.д. директорка го известила дека професорка пријавила бришење податоци од системот во едно училиште.
По ова, осомничениот ги избришал профилите и налозите поврзани со лажниот идентитет на социјалните мрежи, а подоцна бил избришан и службениот мејл креиран преку МОН.































