Повеќе државни и локални делегации денеска положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето во Секторот за внатрешни работи Куманово, во чест на осумте припадници на безбедносните сили загинати во вооружената престрелка во „Диво Насеље“ во мај 2015 година.
Почит им оддадоа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, претставници на безбедносните служби, семејствата на загинатите, како и делегации од општината и политички партии.
На 9 и 10 мај 2015 година, во 28-часовна вооружена престрелка во кумановската населба „Диво Насеље“, животот го загубија осум припадници на безбедносните сили: Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.
Во настанот беа повредени и 37 припадници на безбедносните сили. Загинатите подоцна беа постхумно одликувани со медали за храброст.
По повод годишнината, во Куманово се одржуваат повеќе меморијални активности под мотото „Хероите живеат вечно“, меѓу кои и турнир во мал фудбал, хуманитарна акција и велосипедски меморијален круг.
Во соборниот храм „Свети Никола“ беше одржана и панихида, каде учесниците порачаа дека жртвата на загинатите не смее да биде заборавена и дека тие остануваат дел од колективната меморија.
Куманово и денес се сеќава на настаните од мај 2015 година, нагласувајќи дека тие остануваат длабоко врежани во историјата на градот и државата.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска упати порака на сеќавање по повод 11-годишнината од вооружената престрелка во „Диво Насеље“ во 2015 година, во која загинаа осум припадници на безбедносните сили.
Тој истакна дека нивната жртва претставува вечен симбол на храброст, посветеност и несебично служење на татковината.
– Со длабока почит се сеќаваме на осуммина припадници на безбедносните сили. Нивната жртва нè обврзува да градиме иднина без вакви трагедии – порача Димитриевски.
Градоначалникот нагласи дека оваа трагедија треба да биде поттик за создавање општество засновано на мир, стабилност, меѓусебна поддршка и заедништво.
Тој изрази благодарност до безбедносните сили и најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите, додавајќи дека нивната жртва е за мирот и безбедноста на сите граѓани.
– Вечна слава и почит за хероите – напиша Димитриевски.































