По три децении, Румен Радев формира прва еднопартиска влада во Бугарија
- Поранешниот бугарски претседател Румен Радев и неговата партија Прогресивна Бугарија официјално ја преземаат власта во Бугарија, откако на парламентарните избори на 19 април освоија 44,6 проценти од гласовите и 131 пратеник во 240-членото Народно собрание. Тоа е најголема изборна победа на една политичка сила во земјата од 1997 година наваму и првпат по речиси три децении една партија самостојно да формира влада
Изборната победа на Румен Радев во Бугарија доаѓа по долг период на политичка нестабилност, осум парламентарни избори за пет години и серија антикорупциски протести што ја урнаа претходната влада во декември 2025 година. Радев во јануари годинава се повлече од претседателската функција за да ја предводи новоформираната политичка платформа.
Новата влада: четири вицепремиери и 18 министри
Новиот кабинет што го предложи Радев предвидува четири вицепремиери и 18 министри, при што се најавува и реорганизација на неколку ресори за, како што наведува новиот премиер, „оптимизација на работата на владата и забрзување на дигитализацијата“. Според бугарските и меѓународните медиуми, клучни зафати, а и човечки ресурси во новата влада, освен премиерот Румен Радев, ќе бидат:
· Велислава Петрова-Чамова – министерка за надворешни работи;
· Галаб Донев – министер за финансии;
· ќе има четири вицепремиери задолжени за економија, европски прашања, дигитализација и социјални политики;
· ќе следува реструктурирање на ресорите за економија, иновации и електронско управување.
Приоритети: економија, цени и европски фондови
Новата влада најавува дека првите потези ќе бидат насочени кон намалување на инфлацијата и стабилизирање на јавните финансии. Кабинетот ќе треба итно да усвои нов буџет, да постави лимит на јавниот долг и да обезбеди средства за исплата на пензии и плати во јавниот сектор. Еден од најважните предизвици ќе биде и деблокирањето на европските фондови од Планот за закрепнување и отпорност, кои Брисел ги условува со посериозни антикорупциски реформи и промени во правосудството. Радев во кампањата ветуваше „демонтажа на олигархискиот модел“ и поголема државна контрола врз стратешките економски сектори.
Односите со ЕУ и со Русија под лупа
Според низа медиуми, победата на Радев предизвика внимателни реакции и во Брисел и во Москва. Поранешниот претседател важи за политичар со поумерени ставови кон Русија и често беше критикуван поради противењето на дополнителна воена помош за Украина. И покрај тоа, аналитичарите оценуваат дека Бугарија нема драматично да го смени надворешнополитичкиот курс, особено по влезот во еврозоната и членството во НАТО. Радев, пак, најавува „прагматична политика“ и обновување на економската стабилност како главен државен приоритет.
Крај на политичката криза?
Со формирањето на владата на Радев, Бугарија би можела да ѝ стави крај на најдолгата политичка криза во поновата историја на земјата. Од 2021 година наваму Софија имаше серија краткотрајни влади, технички кабинети и неуспешни коалиции. Сега, со стабилно парламентарно мнозинство, Радев добива можност самостојно да ги спроведе најавените реформи. Но, истовремено, ќе се соочи и со силен притисок, и од домашната јавност и од европските партнери, за да покаже дека новата власт навистина може да донесе институционална стабилност, борба против корупцијата и економско закрепнување. Р.С.
Премиерот Мицкоски го покани бугарскиот колега Радев да ја посети Македонија
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера упати покана до бугарскиот колега Румен Радев да ја посети Македонија, истакнувајќи дека не гледа причина зошто не би го сторил тоа, во одговор на новинарско прашање.
– Не гледам причина зошто да не го поканам. Ако ова е поканата вака, еве го поканувам – кажа Мицкоски.
Премиерот беше прашан и за очекувањата од понатамошните односи со Бугарија, откако бугарското Народно собрание ја избра новата влада предводена токму од Радев.
– Што се однесува до господинот Радев, кога тој победи, јас тоа утро му честитав, му се јавив да имаме успешни добрососедски односи и се надевам дека со оваа влада ќе можеме да ги подобриме меѓусоседските односи и ќе може да разговараме за темите за кои треба да разговараме – изјави Мицкоски.
Радев претходно беше во официјална дводневна посета на Македонија во 2018 година, кога во својство на претседател на Бугарија се сретна со тогашниот претседател на македонското собрание Талат Џафери. П.Р.
































