Фото: Принтскрин

Американскиот разурнувач „УСС Милиус“ денеска спроведе „операција за слобода на пловидбата“ во делот на Јужното Кинеско Море на кој право има Пекинг, во време кога кинеската војска изведува воени вежби околу Тајван.

– Оваа операција на слобода на пловидбата ги почитува правата, слободите и законското користење на морето – соопшти американската морнарица, истакнувајќи дека бродот поминал во близина на островите Спратли.

Островите Спратли се спорни бидејќи, освен Кина, право на нив имаат и Виетнам, Тајван, Филипините и Малезија.

Кина го осуди денеска, како што го нарече, „упадот“ на американски разурнувач во дел од Јужното Кинеско Море на кој таа има право. Пекинг спорните острови Спратли ги нарекува острови Нанша.

– Разурнувачот „УСС Милиус“ изврши нелегален упад во водите кај гребенот Меиџи на кинеските острови Нанша, без одобрение на кинеската војска – изјави денеска портпаролот на јужната команда на кинеската војска, додавајќи дека кинеските воздухопловни сили го следеле и го надгледувале бродот.

Кина од саботата спроведува тридневни воени вежби околу Тајван како предупредување до властите на тој остров по средбата меѓу тајванскиот претседател Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти. Вежбите наречени „Единствен меч“ треба да завршат денеска.