Фото: Министерство за одбрана на Украина

Украина смени дел од своите воени планови, по минатонеделното објавување на десетиците доверливи документи на Пентагон. Во протечените документи се проценува силата на руската воена машинерија, но и се навестуваат критичните недостатоци на украинската армија.

Додека украинските власти ги отфрлија документите како „лажни“, американските власти и за „Њујорк Тајмс“ и за „Си-ен-ен“ потврдија дека документите се легитимни, иако некои од нив се чини дека се изменети.

Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, на Телеграм изјави дека верува оти документите се „темелени на големо количество измислени информации“ и немаат „никаква врска со вистинските планови на Украина”.

Документите, исто така, откриваат дека САД го шпионирале украинскиот претседател Володимир Зеленски, што длабоко ги фрустрирало украинските власти, за „Си-ен-ен“ изјави извор близок до украиснкиот лидер.

Украинската противвоздушна одбрана наводно би можела да остане без муниција

Украинската противвоздушна одбрана би можела да остане без проектили и муниција за само неколку недели, се наведува во тајните документи на Пентагон кои протекоа во јавноста, објави „Гардијан“.

Украинската противвоздушна одбрана би можела да остане без проектили и муниција за само неколку недели, се наведува во тајните документи на Пентагон кои протекоа во јавноста, објави „Гардијан“.

Во еден од документите од 23 февруари, кој е означен како „доверлив“, детално е наведено дека украинскиот систем за противвоздушна одбрана С-300 целосно ќе стивне до 2 мај, доколку продолжи да се користи со исто темпо.

Украинскиот противвоздушен систем „Бук“, на кој се потпира украинската војска, заедно со С-300, би можел да се истроши до средината на април, додека противвоздушните единици на првата линија би можеле да бидат „целосно намалени“ до 23 мај, објави „Њујорк Тајмс“.

Повикувајќи се на високи американски воени претставници, њујоршкиот весник наведува и дека руските ловци и бомбардери добиваат сè поголема можност да ги нападнат украинските сили, што може да биде предизвик за Киев. Автентичноста на документите не е потврдена.

Протекувањето на доверливи воени документи кои беа објавени на социјалните мрежи ги вознемири американските служби, кои се обидуваат да го идентификуваат изворот за кој некои безбедносни експерти се сомневаат дека може да биде некој од САД.

Официјални лица рекоа дека опсегот на темите опфатени во документите, од војната во Украина до прашањата поврзани со Кина, Блискиот Исток и Африка, укажуваат на Американец, а не на сојузник.

– Фокусот сега е дека ова е американско протекување бидејќи голем број документи ги поседувале само САД – изјави поранешниот висок функционер на Пентагон, Мајкл Малрој.

Американските власти рекоа дека истрагата, која сè уште е во рана фаза, не ја исклучува можноста проруски елементи да се поврзани со протекувањето на документите, што се смета за најсериозно нарушување на безбедноста од 2013 година, кога повеќе од 700.000 документи беа објавени на Викиликс.

Двајца американски функционери изјавија дека не ја исклучуваат можноста документите да се фалсификувани за да се доведат во заблуда истражителите или да се шират лажни информации против САД.