Најголем бран бегалци во овој век

Бројот на бегалци од Украина во средата надмина еден милион. Ова е најбрзото раселување на бегалците во овој век, соопштија Обединетите нации. Според Агенцијата на ОН за бегалци, повеќе од два отсто од населението на Украина биле принудени да ја напуштат земјата за помалку од една недела. „За само седум дена, бевме сведоци на егзодусот на милион луѓе од Украина во соседните земји“, напиша високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, на Твитер. Високиот комесар проценува дека до четири милиони луѓе би можеле да ја напуштат Украина, но предупреди дека дури и таа процена може да се промени нагоре.
Тој додаде дека за милиони луѓе внатре во Украина, „време е оружјето да се замолчи, за да може да пристигне хуманитарна помош и да се спасат животи“.
ЕУ мора да се подготви за пристигнување на милиони бегалци од Украина, предупреди еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон. Таа прецизираше дека досега дошле околу еден милион луѓе. Според неа, многу малку од нив поднеле барање за азил.
Еврокомесарката изрази надеж дека предлогот на Европската комисија за обезбедување привремена заштита на Украинците – право на работа, здравствена заштита и образование – ќе биде прифатен во наредните денови. Според неа, досега ниту една земја од ЕУ не побарала воведување систем за прераспределба на украинските бегалци.

– Време е за силни одлуки, очекувам силно сочувство од сите земји на ЕУ за бегалците и европските земји каде што главно пристигнуваат. Мораме да си помагаме, земјите не можат сами да се справат – додаде таа пред почетокот на дводневниот состанок на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи.
Што се однесува до бројките, сепак, тие треба да се земаат со резерва, бидејќи тие го прикажуваат само бројот на влезени бегалци во една земја, а не и бројот на другите, однос колку од нив заминале во трети земји. Карактеристична е бројката со бегалците во Романија, каде што се проценува дека околу 140.000 Украинци побегнале во првите седум дена, според вчерашните податоци на граничната полиција. Тие влегле во Романија преку нејзините четири копнени гранични контролни пункта со Украина, но и преку нејзините контролни пунктови со Молдавија, покажаа податоците. Но интересно е дека нешто помалку од 88.000 од нив веќе ја напуштиле Романија.
Инаку, според досега достапните податоци, речиси 454.000 луѓе од вкупниот број бегалци отишле во Полска. Во Унгарија побегнале 116.348 бегалци, а во Словачка 67.000. И во Германија престигнуваат сѐ повеќе воени бегалци од Украина.

Германското министерство за внатрешни работи, во меѓувреме, има регистрирано 5.000 бегалци од Украина.
Кон овие бројки треба да се додадат и околу 150.000 бегалци кои влегоа во Русија.
ОН очекуваат дека бројот на бегалци ќе продолжи да се зголемува. Процените се дека на 12 милиони луѓе ќе им бидат потребни помош и заштита во Украина, како и на повеќе од четири милиони бегалци од кризата. Беше објавено и дека Светската програма за храна на ОН се проширува во Украина за да поддржи до 3,1 милиони луѓе.
Според Светската банка, на крајот на 2020 година, бројот на населението во Украина изнесуваше 44 милиони.