Левандовски и Холанд против поранешните клубови

Левандовски со Барселона гостува кај Баерн, за кој тој настапуваше до неодамна. Баерн е непоразен дома од Барселона во европските натпреварувања (четири победи, две ремија). Холанд, пак, со Манчестер сити игра дома со Борусија Д., од која пристигна летово и за која за две и пол сезони постигна 86 гола на 89 меча

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ВТОРО КОЛО

Поранешниот прв стрелец на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски, се враќа на арената „Алијанц“ во Минхен во дресот на новиот клуб, Барселона, откако постигна хет-трик на мечот против Плзен, во победата со 5-1, во првото коло во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Шампионот во Бундес-лигата ги доби претходните четири средби со Барселона, притоа постигнувајќи 17 гола, од кои четири Левандовски.
Баерн е непоразен на домашен терен од Барселона во европските натпреварувања, победувајќи четири пати и ремизирајќи двапати на претходните шест средби. Сега останува да се види дали утревечер Левандовски ќе може да им помогне на Каталонците да ја прекинат серијата порази од Баварците. Тимот на Јулијан Нагелсман, исто така, забележа победа на гости над Интер (2-0) во првото коло, што најавува квалитетен и возбудлив натпревар.
Европскиот вицепрвак Ливерпул, во првото коло на гости против Наполи (1-4), го одигра еден од најлошите натпревари под водство на Јирген Клоп, од 2015 година досега. Германецот потоа призна дека „црвените“ треба комплетно да се променат и да се обидат да го поправат лошиот почеток на сезонава во сите натпреварувања. Ајакс, пак, блескаше во првото коло и дома убедливо го совлада Ренџерс (4-0), финалистот во Лига Европа (ЛЕ) за минатата сезона. Овие два тима беа во истата група и во сезоната 2020/2021. Тогаш „црвените“ двапати победија, со по 1-0.
В среда најголемо внимание предизвикува дуелот Манчестер сити – Борусија Дортмунд, пред сѐ поради Норвежанецот Ерлинг Холанд, кој блеска и во новиот клуб, Манчестер сити, каде што летово пристигна од Борусија Д. и во текот на две и пол сезони постигна 86 гола на 89 натпревари. Холанд на првиот натпревар во ЛШ сезонава постигна два гола на мечот со Севилја.

– Тој има неверојатно чувство за тоа каде се наоѓа голот – вели менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Бранителот на титулата, Реал Мадрид, по победата во првото коло на гости над Селтик (3-0), игра дома со Лајпциг, кој има нов тренер, Марко Розе, откако беше разрешен Доменико Тедеско, по шокантниот пораз на домашен терен од Шахтар (1-4). Со новиот тренер, Лајпциг се консолидира, за што сведочи и победата над Борусија Дортмунд (3-0), во шестото првенствено коло во германската Бундес-лига.
Јувентус против Бенфика ќе има „поправен“ по поразот од ПСЖ (1-2) на првиот натпревар, во Париз. „Старата дама“ ја очекува тешка задача со оглед на тоа дека Бенфика добро почна во ЛШ, го совлада Макаби Хаифа со 2-0, што беше 10-та последователна победа за тимот од Лисабон. Статистиката на УЕФА вели дека овие два славни тима досега само еднаш играле меѓу себе во ова натпреварување, во полуфиналето на тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ) во сезоната 1967/68, кога Бенфика го победи Јувентус со вкупен резултат 3-0, но потоа во финалето на стадионот „Вембли“ загуби од Манчестер јунајтед со 1-4. Л.Д.