На Охридскиот маратон, кој годинава одбележа и 60 години од првото издание во 1962 година, настапија осуммина маратонци од пет земји, меѓу кои единствена жена беше Аргентинката Рита Гарсија

ОХРИДСКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Аргентинецот Матијас Ернандес е победник на 35-от Охридски пливачки маратон, одржан во саботата. Патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Охрид, долга 25 км, тој ја исплива за 5:50,30 часа.
– Среќен сум што победив. Трката беше многу тешка, бидејќи водата беше студена и имаше многу бранови – рече Ернандес, пишува „Охрид њуз“.
Втор беше Италијанецот Франческо Гетини, со време од 5:54,51 часа, кој четврти пат плива на Охридскиот маратон. Тој победи на 32-то издание на Охридскиот маратон, а на 33-то беше трет.
Најдобриот македонски маратонец, Евгениј Поп Ацев, како трет пристигна на целта, со време од 6:14,29 часа, а четврти беше вториот македонски претставник, Александар Илиевски (6:16,16 часа).
На Охридскиот маратон, кој годинава одбележа и 60 години од првото издание во 1962 година, настапија осуммина маратонци од пет земји, меѓу кои единствена жена беше Аргентинката Рита Гарсија.
Наградниот фонд изнесуваше 10.000 долари, а го обезбеди Агенцијата за млади и за спорт. Трошоците околу организацијата на манифестацијата, која годинава се соочи со многубројни проблеми и беше пред откажување, ги покри Општина Охрид, со поддршка од повеќе спонзори и помагатели. Л.Д.