Двата настана, освен што се потврда за соработката со Европската џудо-унија, верувам дека ќе бидат мотив и за македонските џудисти и за џудо-клубовите уште понапорно да работат и да тренираат, но и дека ќе ги анимираат младите да почнат да тренираат џудо, вели претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски

МАКЕДОНИЈА ПРВПАТ ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА ДВА ГОЛЕМИ ЕВРОПСКИ ЏУДО-НАСТАНИ

Македонија првпат во својата историја ќе биде домаќин на два големи европски џудо-настани. По неколкумесечни преговори на претседателот на Македонската џудо-федерација (ЏФМ), Владимир Трпаноски, со највисоките претставници на Европската џудо-унија (ЕЏУ) и официјално беше потврдено дека главниот град на Македонија, Скопје, ќе биде домаќин на Европскиот куп во џудо за јуниори и на тренинг-кампот, исто така, за јуниори во организација на ЕЏУ.
Според календарот на европската куќа на џудото, Европскиот куп за јуниори ќе се одржи на 12 и на 13 август 2023 година, а по неговото завршување, од 14 до 16 август, и тренинг-кампот за јуниори.
– Чест и задоволство ми е да објавам дека по долги преговори со водечките луѓе на Европската џудо-унија, конечно успеавме првпат во историјата да донесеме два големи европски џудо-настани во Македонија. Драго ми е што соработката и партнерство што ги градиме на највисоко ниво со Европската џудо-унија и со Светската џудо-федерација (ИЏФ) веќе даваат резултати, кои ќе бидат уште повидливи во следниот период затоа што во преговори сме за уште неколку големи проекти со двете најголеми џудо-асоцијации. Двата настана, освен што се потврда за соработката со Европската џудо-унија, верувам дека ќе бидат мотив и за македонските џудисти и за џудо-клубовите уште понапорно да работат и да тренираат, но и дека ќе ги анимираат младите да почнат да тренираат џудо – изјави претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, на официјалната интернет-страница на ЏФМ.
Одлуката за организација на двата настана беше едногласно усвоена и од членовите на Извршниот одбор на ЏФМ, кои најавија максимална поддршка во организацијата на двата настана, кои треба да го потврдат капацитетот на ЏФМ за организирање европски настани на највисоко ниво. Г.И.