ФУДБАЛ – ПОЧНУВА И КОПА АМЕРИКА
Бразил одново домаќин, сега на шампионатот без публика

Европското првенство (ЕП) 2020 не е единствениот голем фудбалски турнир летово. Во Бразил, од утре со мечот Бразил – Венецуела, ќе почне одложеното 47-то издание на Копа Америка, првенството на Јужна Америка, и ќе трае до 10 јули. Првично турнирот требаше да се одржи лани, во Аргентина и во Колумбија, но беше одложена поради пандемијата на коронавирусот.
Неодамна прво се повлече Колумбија, а пред две недели и Аргентина, по што Бразил се пријави да биде домаќин на турнирот, на кој ќе настапат 10 селекции, кои ќе одиграат 28 натпревари, пред празни трибини. Во групата А се Бразил, Колумбија, Еквадор, Перу и Венецуела, а во групата Б се Аргентина, Боливија, Чиле, Парагвај и Уругвај. Првопласираните четири ќе ги продолжат натпреварите во четврт-финалето.
Натпреварите ќе се играат на пет стадиони во Бразилија, Гојанија, Кујаба и во Рио де Жанеиро (на два стадиона), со финале на стадионот „Маракана“. Титулата од првенството во 2019-та играно во Бразил ќе ја брани Бразил. Л.Д.


ЕВРОПСКА ШАХОВСКА УНИЈА
Потврдено домаќинството на Охрид на ЕКК 2021

Одборот на Европската шаховска унија (ЕЦУ) на својот последен состанок одржан преку интернет, меѓу другото ја потврди одлуката Охрид да биде домаќин на Европски клупски куп (ЕКК) во шах за мажи и за жени, во Охрид, годинава (17-25 септември). ЕКК досега се одржа двапати во Македонија, првиот пат во Охрид пред 12 години, а потоа и во Скопје во 2015-та. Машката екипа на Алкалоид во 2016 година во Нови Сад стана европски првак, а женската екипа на Гамбит Асеко СЕЕ во Скопје го освои сребрениот медал, што претставуваат и најголеми успеси на македонскиот клупски шах. Г.И.


ФУДБАЛ
Во Премиер-лигата ќе се користат пошироки линии за ВАР

Пошироки линии ќе бидат користени во технологијата видеопомошник-судија (ВАР) во англиската Премиер-лига во следната сезона, во обид да се смири незадоволството на гледачите, фудбалерите и на тренерите во врска со спорните одлуки за офсајд. Судиските челници добија поддршка од клубовите за да ги прошират дигиталните линии, кои за многумина на нејасен начин доведоа до поништување голови поради офсајд со пазувите на напаѓачите. Оваа технолошка измена, која поголема корист би им донела на напаѓачите, доби одобрение од директорите на клубовите по презентацијата на годишното собрание на лигата.
Во минатата сезона во Премиер-лигата вкупно 128 погодоци и ситуации беа директно поврзани со одлуките на ВАР. Пошироките линии веќе ги користат Европската фудбалска унија и холандската лига. ТВ-гледачите, наводно, повеќе нема да го гледаат процесот на цртање на офсајд-линијата, туку само крајниот резултат. Л.Д.


РАКОМЕТ
За шест младински титули ќе играат 97 екипи

Во следните три седмици по забрзан систем треба да се одиграат младинските, кадетските и пионерските шампионати на Македонија во ракомет, во машка и во женска конкуренција. За шест титули во три конкуренции се пријавени вкупно 97 екипи, од кои 34 во младинска (22 машки и 12 женски), 37 во кадетска (20/17) и 26 во пионерска (15/11). Од денеска во следните три дена ќе се играат мечевите по групи во младинска конкуренција, а фајналфорот треба да се игра в среда и в четврток. Од 18 до 20 јуни ќе се игра групната фаза во кадетска конкуренција, фајналфор-турнирите се предвидени за 23 и 24 јуни, пионерите и пионерките од 26 до 28 јуни ќе ги играат мечевите по групи, а завршните турнири се предвидени за 30 јуни и 1 јули. Та.Д.