Само за десет денa од прикажувањето, филмот „Кајмак“, по сценарио и во режија на Милчо Манчевски, го видоа 13.000 гледачи низ цела Македонија. „Кајмак“ наскоро почнува да се прикажува и во странство. Во преговори се повеќе земји, а засега се потврдени: Грција, Данска, Хрватска, Кипар, Србија, Тајван и САД.
По гала-премиерата во Македонската филхармонија, на 16 ноември, каде што филмот беше пречекан со неколкуминутни стоечки овации, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава: во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Штип, Битола, Пехчево, Гевгелија и Скопје. И покрај сите напори на продуцентите и на дистрибутерите, „Кајмак“ не се прикажува во Велес, па велешани одат во Скопје, Штип и Свети Николе да го видат филмот.
– Сакаме секој да има можност да го види филмот во кино. Не е исто дали го гледате на мал или голем екран, сам или во друштво. Покрај тоа, Македонија не е само Скопје – изјави режисерот Манчевски.
Во многу градови со „Кајмак“ има кинопроекција првпат по многу години – Пробиштип, Пехчево, Делчево… Со филмот се отвори новото кино во Крушево, а во Свети Николе филмот се прикажува дури во две кина истовремено. Се пробија многу граници за киноприкажување и тоа е особено важно, оти станува збор за македонски филм во време на практично замрена киноприкажувачка дејност во земјата. Продуцентите организираа гостување на екипата и премиера и во Битола, а во „Милениум“ екипата одржа разговор пред публиката, каде што, покрај другите љубители на филмот, имаше и голем број студенти.