Морска

Откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Уште како деца, кога со моите родители одевме на одмор, мајка ми нè мачкаше мене и брат ми со некоја чудна маст што мирисаше на риба. Се сеќавам дека и на обајцата ни се гадеше од мирисот. Брат ми честопати по мачкањето знаеше да се скрие во дворот од вилата каде што бевме сместени и со тоалетна хартија да го избрише сиот слој што му го имаше ставено мајка ми на кожата. Еднаш дури и поврати во дворот кај маслиновото дрво. Оттогаш натаму мајка ми престана да го мачка со кремот. Никој од нас не сакаше да мириса на рибешко. Брат ми се срамеше од мирисот и избегнуваше да излегува на попладневните прошетки. Знаеше дека така девојките не само што ќе го одбегнуваат туку нема ни да го погледнат.
Маста беше делотворна, и колку и да не ни се допаѓаше нејзиниот мирис, за брзо време ги лекуваше раните, повредите од несмасните игри, но најважно од сè, изгорениците од сонце, од кои мајка ми најмногу стравуваше.
Кога веќе имавме по 25-26 години, забележав дека брат ми скришум ја зема маста со себе кога требаше да оди на одмор со пријателите. Иако завиткана во неколку кеси, за да се прикрие непријатниот мирис, го познав препознатливото пакување со мало бело рипче на неа. На момент сакав да го задевам за гласното повраќање кај маслиновото дрво.

Години подоцна, кога брат ми се ожени, ја просветли жена си со маста. Холанѓанката беше воодушевена од магичниот производ и без срам ги мачкаше нивните деца со маста кога ќе изгореа од сонце или, пак, ќе си ги повредеа колената. Нејзе не ѝ беше гајле дали ќе шетаат наоколу со мирис на рибешко. Беше благодарна што брат ми го сподели лекот со неа. Близначињата, исто како и брат ми, негодуваа за мирисот. Тој, пак, немаше право да им се спротивстави знаејќи го сопственото минато.
За разлика од брат ми, јас помалку негодував и некако мирисот на рибешко го прифатив како свој. Во текот на годината многу ретко, речиси и воопшто не ја користевме маста додека бевме дома, па затоа нејзиниот мирис си го поврзував со боси стапала, жежок песок и капки морска вода од бикините што ми се слеваат по стомакот. Живеев за летните одмори, а летото го чекав цела година, зашто го доживував како своја слобода. Во текот на младоста сѐ почесто одев на места кад ешто имаше морска вода. Одвреме-навреме знаев да ги искористам и викендите за престој до најблиското прекугранично море, само за да седам на крајбрежјето со брза храна купена од локалци. Тоа беше моето вдахнување нов живот. Можеби не нов, но познат, спокоен, мирен, слободен, свој.
Дури во домот каде што живеевме со сопругот купивме аквариум со риби, чиј број низ текот на времето се преполови.

Кога престанав да одам на летни одмори без родителите, продолжив маста да ја носам на патувањата и така несвесно наметнувајќи им ја на моите пријатели, потоа на партнерите што ги имав во младоста и најпосле на сопругот. За жал, еден ден во аптеките ми рекоа дека нема да ја увезуваат повеќе во нашата држава. Една фармацевтка дури и ми рече дека ќе престане да се произведува. Не им верував на сопствените уши, па затоа кон крајот на летото спакував една торба, го наполнив резервоарот и се упатив кон прекуграничното море.
„Мора да ја има во нивните аптеки. Ние сме една голема скапаница од држава“, си помислив, пцуејќи.
Не знам зошто толку многу ме потресе оваа вест.
Неколку дена подоцна ме прогласија за исчезната. Локалците и полицијата го известија Марк дека последно сум била видена кај пристаништето како вечерам брза храна и пијам бело вино. Околните камери не успеале да го снимат моето движење. Брат ми, снаа ми и најблиските го советуваа Марк да земе одмор од работа и да се обиде да мирува додека добијат информации за моето исчезнување.
Ги послуша и деновите ги поминуваше дома. Редовно ги отвораше социјалните мрежи, следеше вести, телефонски комуницирање со нашата, но и со странската полиција. Ваквиот одмор не му годеше.
„Немаме нови информации, штом дознаеме нешто, ќе ви се јавиме“ добиваше како одговор.
Еден ден седеше на каучот и со дланките потпрени на колената, немо гледаше во подот. По некое време го здогледа празното кутиче рибина маст, на која ѝ беше поминат рокот. Ја отвори и ја мирисна. Се потпре на троседот, гледајќи во таванот. Ја стави маста под носот и се насмевна со насолзени очи. Не знаеше дека сум тука и дека го гледам зад стаклото на аквариумот, кое ме спречуваше да ја препливам водата и силно да го прегрнам додека седи осамен во дневната соба.

Автор: Бјанка Станковиќ