Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, учествува на седницата на Заедничкиот консултативен комитет (JCC), која се одржува во Брисел во рамки на Европски комитет на регионите.
На состанокот присуствуваат претставници на локалните и регионалните власти од земјите-членки на Европската Унија и државите кандидати за членство, а во фокусот на дискусиите се европската интеграција, размената на искуства и унапредувањето на соработката меѓу единиците на локалната самоуправа.
Според информациите од Општина Чаир, посебен акцент е ставен на улогата на општините во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските стандарди.
– Интеграцијата во Европската Унија останува стратешки приоритет на нашата држава. Во овој процес, локалната самоуправа има незаменлива улога како алка што ги поврзува реформите со конкретните потреби на граѓаните и ги доближува европските стандарди до локално ниво – изјави Меџити.
Во рамки на седницата се разговара и за напредокот на земјите кандидати на патот кон членство во Европската Унија, продолжувањето на реформските процеси и јакнењето на капацитетите на локалната самоуправа во исполнувањето на европската агенда.
Од Општина Чаир посочуваат дека ваквите форуми претставуваат можност за продлабочување на меѓународната соработка и размена на добри практики меѓу локалните власти од регионот и Европската Унија.

































