Овој декември, Кинотеката на Македонија ќе понуди програма што со сигурност ќе ве натера да излете од дома и да ја посетите нивната киносала. На самиот почеток на овој месец, Кинотеката, во партнерство со „Еуропа синемас“, киномрежата во која членува и Кинотеката, се придружува кон иницијативата на Eвропската филмска академија наречена – „Месец на европскиот филм“, која започна пред три недели. Во тие рамки, сѐ до 10 декември, и локални киносали и големи киномрежи ќе прикажуваат специјални програми, настани и ретроспективи со кои ја промовираат богатата европска кинематографија.
– Ние се приклучуваме кон оваа иницијатива со циклусот филмови на познатиот чешки режисер (а и актер, и автор, и професор) Јиржи Менцл, кој со својот сензибилитет на филмско раскажување нема да ве остави рамнодушни. Менцл гостуваше во Кинотеката во 2009 година и во Скопје, и на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а на македонската публика, онаа со изгледана поголема километража на филмски летни – добро ѝ е познат. Неговите класици „Строго контролирани возови“, „Стрижено-косено“, Ластовички на жица“, „Снежен фестивал“, „Село мое мало“, „Крајот на старите времиња“, „Прекрасни луѓе со камера“, „Самотија во шумата“ и „Непредвидливо лето“, како и филмот омнибус „Бисери на дното“, составен од кратки филмови на највлијателните чешки режисери во средината на 1960-тите години (Вера Читилова, Јаромил Јиреш, Јиржи Менцел, Евалд Шорм и Јан Немец), ќе бидат на програмата од првата третина од месецот – велат од Кинотеката.
Со Менцл не завршува „европската“ програма, по него доаѓа циклусот на Полјакот Анджеј Вајда. Уште еден европски и наш балкански режисер ќе добие внимание овој месец – со документарниот „Журнал за Желимир Жилник“ (и тој беше гостин на Кинотеката во 2008 г.) на Јанко Баљак се заокружува овој декемвриски фокус на култни режисерки имиња.
Во редовната соработка со Францускиот институт од Скопје, во декември ќе биде прикажан филмот „Презир“ на Жан-Лук Годар, а од современата француска кинематографија на програмата е комедијата „Роден лажго“.
– И овој месец на програмата имаме повеќе домашни наслови. Пред сѐ, како национална установа, наша должност е да ја промовираме домашната кинематографија, но и на публиката да ѝ овозможиме да ги види овие остварувања. Играните филмови донекаде можат да се погледнат и во другите киносали, но краткометражните се запоставувани како форма во комерцијалните кинопрограми, оттаму и се радуваме што можеме да ги вклучиме во нашата кинотечна програма. Така, од таа краткометражна „категорија“, на почетокот на месецот ја имаме премиерата на „Тале и корона“ на Томислав Алексов, а подоцна ги прикажуваме и „Шеќерни луѓе“ на Сузана Диневски, „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Господата од современа“ на Ана Алексовска – се вели во најавата.
Со актуелната црна комедија „Кајмак“, последното остварување на Милчо Манчевски, и урбаната психолошка драма „Мими“ на Дарјан Пејовски, како и документарниот „Како ја дефинираш ароганцијата“ на Небојша Илијевски, се комплетира филмската репрезентација во последниот месец од годинава.