Петнаесет млади поети на возраст од 16 до 25 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #2“, преднастан на „Скопскиот поетски фестивал“. На конкурсот пристигнаа 54 пријави, а интерната жири-комисија, составена од членови на управниот одбор и на организацискиот одбор на фестивалот, го направи изборот. Наедно, УО на фестивалот изрази задоволство од бројот на примените пријави, како и од квалитетот и талентот на кандидатите: Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски.
Настанот ќе се одржи на 24 септември, од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, а самите поети учесници ќе имаат задача да го одберат најдобриот меѓу нив, кој ќе чита и на официјалното отворање на фестивалот на 27 септември, заедно со другите учесници во официјалната програма.
– Би сакале да им се заблагодариме на сите што ни пратија песни за прочит и да ги охрабриме да продолжат да пишуваат. Ќе ни биде драго ако присуствуваат на сите настани во рамките на фестивалот, а особено на работилницата за креативно пишување поезија што ќе ја одржи еден од најистакнатите современи малтешки писатели, универзитетскиот професор Имануел Мифсуд – велат организаторите.
„Скопскиот поетски фестивал“, чие трето издание ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември, е поддржан од Министерство за култура и од „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели, „ПНВ публикации“ и „Бест Вестерн хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура бета“.