Промоцијата на книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ и разговор со авторите Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски е закажана за вечерва, во 19.30 часот, во „Буква“. Промоторка е Оливера Ќорвезироска.
„Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ ги содржи разговорите што Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски ги воделе во временски опсег поголем од дваесет години.
Првиот дел од книгата, „Огледало за загатката“, опфаќа дијалози водени во 2002 и 2003 година, вториот дел претставува еден подолг разговор од 2015 година, а последниот дел, „Кабинет на чуда“, разговори од 2023 година.
На овие страници е допрен најголемиот дел од творечките преокупации на Урошевиќ, а авторот се обидува преку дијалогот за поетиката на писателот да долови и елементи од неговата личност, живот и односот кон современиците.
Книгата може да се чита и како панорама на книжевните опсесии на Урошевиќ и како портрет на еден човек што својата егзистенција нераскинливо ја преплетувал со книжевноста и, воопшто, со уметноста.
Влада Урошевиќ е една од најбележитите книжевни појави во нашата книжевност, а оваа книга со сигурност ќе претставува неодминлива лектира за сите книжевни проследувачи и сладокусци.