Награда за Александра Јоаниду за грчкиот превод на „Мојот маж“

Комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ се одлучи во вториот круг на селекција да влезат десет преведувачи со изданија објавени од седум издавачки куќи. За наградата првично беа номинирани 39 преведувачи, со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Комисијата е во состав Јана Михајловска (библиотекарка и претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија; претставничка на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач).
Освен главната награда, комисијата и организаторите одлучија од годинава да се доделува и интернационална награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик. Тие сметаат дека со воведувањето на оваа категорија како традиционална ќе се создаде сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голем усет да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот. Земајќи го предвид нивото на преводот, но и другите параметри важни при појава на одреден превод во друга културна средина (рецензии, влијателност, интерес за авторот, препознатливост, зголемување на интеркултурниот дијалог итн.), жирито се одлучи годинава со интернационалната награда „Драги“ да биде награденa превeдувачката Александра Јоаниду од Грција за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик, во издание на „Гутенберг“. Станува збор за првиот превод од македонски автор на грчки јазик, на кој е наведено дека јазикот на оригиналниот е македонски. Книгата долго време фигурираше како една од најчитаните во Грција, каде што авторката имаше и голем број интервјуа – за „Катимерини“, „То вима“, „Ефимерида тон синдактон“, за „Лајфо“ итн. На Саемот на книгата во Солун во мај годинава читањето на Бужаровска беше едно од најпосетените и таму првпат се прозборе на македонски јазик на официјален јавен настан. По успехот на „Мојот маж“, излезе и преводот на „Не одам никаде“, а во подготовка е „Осмица“, сите во превод на Александра Јоаниду. „Мојот маж“ ќе доживее и своја театарска поставка во театарот „Тезеум“ во Атина од страна на режисерката Марија Маганари.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.