Фото: Игор Бансколиев

Од аспект на актуелните обиди од страна на Македонската патриотска организација (МПО) за релативизација на македонскиот национален идентитет и негово расчленување на „историски, географски, етнички и бугарски“, професорката Наташа Котлар-Трајкова смета дека со „игра на зборови, новата генерација на МПО, која ја наследила бугарската национална определба од своите предци, посегнува по тезата за некаков територијално-регионален идентитет“

(Само)убиствената теза за постоење територијално-регионален идентитет како повод

На северноамериканскиот континент се чини дека и по еден век продолжува прекуокеанското деградирање на македонскиот национален идентитет, со обиди за негово релативизирање на некаков географски-регионален идентитет. Таа теза ја прифаќаат и некои квазиинтелектуалци во регионов, но и поранешни носители на високи државни функции и професори во нашата земја.
Неодамна, претседателот на Македонската патриотска организација (МПО) од Северна Америка, Метју Стефанов, во писмо реакција до еден македонски медиум ги актуализира ваквите обиди со нови „тези“ за „етнички македонски идентитет“ и „бугарски македонски идентитет“, но дека тоа било „заедничко македонско наследство“. Според Стефанов: „За МПО, ’Македонец’ е староседелец или потомок од која било етничка група во историските и географските граници на Македонија. Обединувачки фактори се нашата заедничка македонска свест и идеалот за слобода, човекови права и слободи за сите Македонци“.
За МПО е познато дека е формирана во 1922 година во Северна Америка, од македонски иселеници, а организацијата постојано истакнува во историјатот на своето постоење дека е формирана „за да служи како прекуокеански разгранок на историската Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО)“. Но и самиот Стефанов, во писмото наведува дека „со децении во македонската јавност организацијата се сметаше за истурен разгранок на интересите на Софија“.
– Македонската патриотска организација во Америка, во основа е формирана од луѓе иселеници од Македонија, кои се иселувале на почетокот на 20 век.

Тоа е период кога не постои македонска национална држава, односно територијата на Македонија сѐ уште е во рамките на Отоманската Империја, па луѓето што се иселувале од тука, својата политичка наклоност спрема Бугарија (како држава) и под влијание на егзархиското образование и воспитување во Америка го манифестирале како национална определба. Таквата национална определба на основачите на МПО, очигледно им е пренесена и на нивните денешни наследници. Сепак, треба да се истакне дека наспроти нив, многу наскоро, исто така во Америка, е формиран и постои Македонскиот народен сојуз (МНС), кој го предводи илинденскиот војвода Смиле Војданов, кој застапува особено промакедонска определба, независна од каков било бугарски идентитет. Во гласилото на МНС, во првата половина на 20 век, пишуваат: Петар Поп Арсов, Ангел Динев, Васил Ивановски-Бистрик, кој во 1934 година ја објавува статијата „Зошто македонската нација е одделна“. Уште тогаш се покажува дека на северноамериканскиот континент меѓу иселениците од Македонија се развиваат два идентификациски идентитета. По Втората светска војна и формирањето на Македонија како држава во рамките на Југославија, веќе е јасно кој како национално се определува, во организациите основани од македонските иселеници на северноамериканскиот континент – објаснува историчарката Наташа Котлар-Трајкова, универзитетска професорка од Институтот за национална историја.
Таа открива и интересен податок дека историската архива на МПО, сепак, пред дваесетина години, е пренесена во Државниот архив на Македонија, па македонските историчари можат да ги проучуваат настаните, процесите и причините за идентификациските определби на македонските иселеници.
Од аспект на актуелните обиди за релативизација на македонскиот национален идентитет и негово расчленување на „историски, географски, етнички и бугарски“ од денешното МПО, професорката Котлар-Трајкова смета дека со „игра на зборови, новата генерација на МПО, која ја наследила бугарската национална определба од своите предци, посегнува по тезата за некаков територијално-регионален идентитет“.

– Националниот идентитет (не само македонскиот, туку воопшто како поим) се создава сукцесивно низ времето, развивајќи повеќе идентитетски категории. Првата идентитетска категорија низ времето била онаа социјалната, односно припадноста на класата, сталежот. Животот на луѓето на иста територија е основа за препознавање на територијалниот идентитет. Настаните низ времето што заедно ги преживуваат и со кои се справуваат, водат кон создавање една колективна меморија, која се пренесува низ генерации, ги надградува овие идентитети со историскиот идентитет. Националниот идентитет е сложен социјален композит од сите овие идентитети, што се развивале низ времето. Македонскиот национален идентитет ги има сите овие компоненти и секој обид за негово релативизирање и сведување само на географски, па и само на историски идентитет, значи негово оспорување, негирање со асимилаторски цели и намери. Таа различна самоидентификација на македонските иселеници во Америка, односно нивните организации, трае веќе еден век, што покажува дека има нешто што не им дава да се обединат. Оваа најнова „игра со зборови“ на МПО, со игра на зборови за идентитетот е сепак уште еден обид да се релативизира вистинскиот проблем и да се затскријат вистинските стремежи и цели за асимилација на македонскиот национален идентитет – вели Наташа Котлар-Трајкова.
Но за упорноста и постојаноста на ваквите обиди со итрина за релативизирање на македонскиот национален идентитет, професорката Котлар-Трајкова опасност гледа и во внатрешнополитичкиот дискурс во Македонија.

– Од сите страни се случуваат обиди за релативизирање, па и негирање на македонскиот национален идентитет. Но никој од државниот врв не реагира на сѐ позачестените нагласувања од странски политички претставници за Македонија како „мултиетничка и мултикултурна држава“. Со таквото нагласување, без никаква реакција од македонските политичари, континуирано се омаловажува и се ништи суверенитетот на македонскиот народ во сопствената држава. Таа тенденција на загрозување на државотворноста на македонскиот народ е засилена во последниве години, особено со обидите за релативизирање на антифашистичките основи на државата и отстранување на Манифестот на АСНОМ од Уставот, каде што стои дека „Македонија е држава на македонскиот народ и…“, но суверенитетот извира од македонскиот народ. Тоа е опасност за македонскиот национален идентитет од внатрешнополитичкиот дискурс, кој им дава сила и право на сите обиди за разнебитување на македонското национално ткиво, однадвор – предупредува историчарката Наташа Котлар-Трајкова.


Од САД: Ана Дукоска, глобална координаторка на движењето „Ние сме Македонија“

Не постојат „македонски Бугари“,постојат само Македонци и Бугари

Ана Дукоска, глобална координаторка на граѓанското движење „Ние сме Македонија“, е претставничка на новата генерација македонска миграција во САД. Таа речиси десетина години, откако е преселена во САД, активно е ангажирана во афирмација на македонското прашање и македонскиот национален идентитет на меѓународен план За „тезите“ на МПО за „етнички македонски идентитет“ и „бугарски македонски идентитет“, Дукоска е категорична дека такво нешто не може да постои, бидејќи постојат само дефинирани посебни национални идентитети, на Македонци и Бугари.
– Најновите „тези“ искажани од претставници на МПО се само уште еден обид за релативизирање на македонскиот национален идентитет, кој сепак не поминува и не е прифатен меѓу Македонците во САД и во Канада. Тезата за некакви „македонски Бугари“ е неодржлива, бидејќи такво нешто не постои. Постојат Македонци, а постојат и Бугари, како посебни и различни национални идентитети.
Инаку, од самите почетоци на македонската миграција во Америка, на почетокот од 20 век постојат иницијативи за здружување, дали преку цркви или други форми. МПО од своите почетоци пред еден век, иако се нарекува Македонска патриотска организација, дејствува во насока на бугаризирање на македонските иселеници. Но наспроти нив, низ годините се појавуваат голем број други македонски организации низ Америка што се спротивставуваат на ваквите тези и стремежи за бугаризирање на македонската дијаспора. Една од првите македонски организации, со изразено дефинирана позиција за посебноста на Македонците, која се појавува во дваесеттите години на 20 век, е Македонска лига, па Македонски народен сојуз, предводени од војводата Смиле Војданов. Овие македонски организации постојано ги осуетуваат амбициите за бугаризација на македонскиот национален идентитет во Америка. Кај нив е јасно изразен ставот дека македонскиот идентитет е различен од оној што сакаат да го прикажат и наметнат од МПО.
Обидите за некакво „географско македонско обединување“ или „македонски регионален идентитет“ се уште едно подметнување за поништување и негирање на Македонците, како посебен национален идентитет. Тоа го правеа и Грците, а сега и Бугарите. Наша обврска, како македонска дијаспора, е да не го дозволиме тоа, туку да го заштитиме и да го промовираме и да стоиме цврсто зад посебноста на Македонците, како автохтон национален идентитет – вели Ана Дукоска од Вашингтон (САД), глобална координаторка на движењето „Ние сме Македонија“.