Стручен коментатор ќе биде македонскиот велемајстор Александар Чоловиќ. СП почна вчера, предвидени се девет кола, во возрасните категории над 50 и над 65 години, мажи и жени

ШАХ – СВЕЧЕНО ОТВОРЕН МУНДИЈАЛОТ ЗА ВЕТЕРАНИ

Во понеделникот вечерта свечено беше отворено Светското првенство во шах (СП) за ветерани во Струга, во возрасните категории над 50 и над 65 години, кое ќе трае до 29 септември. На СП се пријавени вкупно 48 екипи од 26 држави, односно 22 тима во возрасната категорија над 50 години и 26 екипи над 65 години или вкупно 231 играч. Првото коло беше предвидено да почне вчера во 15 часот, а ќе се играат девет кола. Единствениот слободен ден е по четвртото коло. Партиите ќе се пренесуваат на официјалниот канал на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), со стручен коментар на македонскиот велемајстор (ВМ) Александар Чоловиќ.
– Светското првенство за отворено го прогласи заменик-директорот на Агенцијата за млади и спорт, Исак Лазами, а на свечениот чин уште говореа претседателот на Шаховската федерација на Македонија, Саша Богдановиќ, како и претставникот на ФИДЕ, Озгур Шолакоглу. Притоа Богдановиќ го поздрави и изрази благодарност до ФИДЕ за укажаната доверба Македонија да биде домаќин на овој значаен шаховски настан – ни изјави директорот на турнирот Зоран Стојчевски.
Македонија ќе настапи со четири екипи, во машка конкуренција, во категоријата над 50 г. ќе настапат Македонија Алкалоид (рангирана четврта) и Македонија (20-та), екипа составена од слепи и слабовидни шахисти. Во категоријата над 65 г. ќе игра екипата на Македонија (12-та), а во женска конкуренција екипата Македонија (22.) во категоријата над 50 години. Г.И.