Најмалку 300 училишта во Италија денеска беа евакуирани откако на нивните адреси пристигнала идентична електронска порака со закана за бомба, во која била упатена и закана кон италијанската премиерка Џорџа Мелони. Полицијата врши безбедносни проверки на објектите, соопшти италијанскиот министер за образование Џузепе Валдитара.
Тој посочи дека бројот на училиштата што добиле заканувачки пораки би можел дополнително да се зголеми, објави агенцијата Анса.
Во новата порака испратена до училиштата се наведува заканата „ќе ве уништиме“, а таа е потпишана со името „Михаил Андропов“.
-Поставивме бомба во моторот на автомобилот на вашата премиерка – се наведува во електронската порака.
Сличен инцидент беше регистриран и во претходните денови, кога заканувачка порака била испратена до електронските адреси на 280 директори на училишта во Италија.
Во последниот период, во повеќе европски земји мета на хибридни напади биле супермаркети, банки за крв, воздушниот сообраќај и телевизиски станици.
И заканувачките пораки испратени до телевизиски станици и авиони низ Европа биле потпишани со името „Михаил Андропов“.































