Фото: Пиксабеј

Русија и Украина постигнале начелен договор за нова голема размена на затвореници за време на дводневните разговори во Абу Даби, соопшти денеска Владимир Медински, помошник на рускиот претседател и шеф на руската делегација на преговорите.

Медински пред новинарите во Абу Даби изјави дека за време на разговорите меѓу делегациите на Русија, САД и Украина било отворено и хуманитарното прашање. Според него, конкретните услови и параметри на договорената размена ќе бидат објавени наскоро, пренесоа руските медиуми.

-Во принцип, се согласивме за нова голема размена на затвореници, чии конкретни параметри ќе бидат објавени во блиска иднина – изјави Медински.

Преговорите меѓу руската, американската и украинската делегација завршија денеска во Абу Даби. Сите делегации го напуштија местото на состанокот во придружба на полициски возила.

Разговорите се одржаа зад затворени врати, без присуство на медиумите.