Нема ризик од финансиска нестабилност во државата поради случајот со Алта банка Битола, а состојбата е стабилна, порача денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на надзорната расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, пренесе МИА.
Таа појасни дека буџетските корисници имаат сметки во трезорот и дека единствените трансакции што Министерството за финансии ги врши кон банките, вклучително и Алта банка, се однесуваат на провизиите при исплата на пензиите.
Министерката нагласи дека не постои ризик од губење средства, бидејќи буџетските корисници кои имаат сметки во Алта банка немаат средства ниту депозити во банката.
Одговарајќи на прашањата на пратениците, Димитриеска-Кочоска повторно посочи дека надлежностите на институциите во случајот мора јасно да се разграничат. Таа категорично истакна дека Министерството за финансии немало никакво учество во постапката за преземање, односно купување на банката, ниту дало согласност за нејзината продажба.
-Немаме никаква надлежност во целата постапка за продажба, а супервизија и надзор врши Народната банка – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа потврди дека Алта банка влегла на македонскиот пазар на 1 септември, кога официјално ја добила можноста за купување хартии од вредност. Притоа појасни дека изјавата на премиерот Христијан Мицкоски од претходниот дел на надзорната расправа се однесувала на купувањето на Алта банка во Србија.































