Изложба „Фемина 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“

  • Придружната јавна програма, која опфаќа две панел-дискусии, три предавања и видеопроекции, ќе ги прошири темите надвор од
    изложбениот простор и ќе отвори можности за дијалог за феминистичките уметнички практики, архивите, историите и современите
    политички и општествени услови

Во „Мала станица“, НУ „Национална галерија“, на 12 ноември, во 18:30 часот ќе биде отворена изложбата „Фемина 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“. Изложбата обединува седум феминистички уметнички позиции на уметнички од Македонија: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Маневa-Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Покрај нивните дела, „Фемина 8“ ја претставува и нестабилната феминистичка микроархива на кураторката Сузана Милевска, која опфаќа постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеопроекции поврзани со проекти од Џемилиана Абдулова / Марија Трпеска, Ноа Гур, Христина Иваноска, Сања Ивековиќ, Шејла Камериќ, Тања Остојиќ, Мерете Ростад, Елизабет фон Самсонов, Естер Штраус и групата „Женски круг“.
Изложбата ќе биде придружена со јавна програма што опфаќа две панел -дискусии (13 и 22 ноември, во 18 часот). Првата панел-дискусија е со учесничките на изложбата, а втората панел-дискусија е за улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам, со Салија Беќир-Халим, Мања Величковска, Искра Гешоска, Јана Манева-Чупоска и Ирена Цветковиќ.
На 14, 15 и 16 ноември, во 18 часот, ќе има три предавања – краток речник на феминизам и уметност со д-р Сузана Милевска и секојдневни видеопроекции.
„Фемина 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“ е деветто издание на долгорочниот изложбен проект „Фемина 8“, инициран во 2015 година од уметницата и кураторка Јана Манева–Чупоска, актуелна претседателка на ДЛУМ. Изданието во 2026 година за првпат се реализира во рамките на програмата по повод 80-годишнината на ДЛУМ – Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Ова е феминистичка изложба, а не „женска изложба“. Иако сите уметници што учествуваат се жени, проектот не го третира родот како заеднички идентитет, ниту како тема на изложбата. Феминизмот тука се разбира како политичка позиција и личен избор: како посветеност на преиспитувањето и оспорувањето на структурите што произведуваат и репродуцираат нееднаквост, како и на создавањето услови за рамноправно учество во општествениот, културниот, политичкиот и економскиот живот. Оттука, „женската книга“ во насловот не подразбира вродено или суштинско „женско пишување“ или „женско писмо“ . Напротив, терминот упатува на феминистичко писмо, засновано врз дејствувањето и личната агентност – политичка практика на преиспитување и одучување од наследените начини на изразување и (не)дејствување.

Поаѓајќи од концептот на Сара Ахмед за „феминистичка уништувачка на забави“, изложбата го разгледува феминизмот како политичка практика што ги прекинува облиците на задоволство што зависат од нормализацијата на патријархалните односи. „Фемина 8“ предлага поинаков вид задоволство: задоволството што произлегува од еднаквоста, солидарноста, грижата и заемното признавање. Изложбата ги слави солидарноста и „сестринството“, кои ги надминуваат етничките, класните, расните и сексуалните разлики, притоа ставајќи акцент на грижата, меѓузависноста и соживотот меѓу различните родови и облици на живот.
Важно е да се нагласи дека изложбата им е посветена на уметницата Лилјана Ѓузелова (1935–2018) и на нејзиниот долгогодишен истражувачки проект „Женска книга“, завршен во 2010 година.
Изложбата повикува на деконструкција и деколонизација на стереотипните наративи што и понатаму ги обликуваат архивите, музеите, медиумите, образовните системи и културните институции. Таа поставува прашања за тоа како наследените системи на знаење придонесуваат за одржување на патријархалните структури и како феминистичките уметнички и кураторски практики можат да отворат простор за поинакви облици на знаење, дејствување и учество.
Изложените уметнички дела и архивските материјали опфаќаат широк спектар феминистички теми. Посебно внимание им се посветува и на различни облици на културен труд што традиционално го извршуваат жените – везењето, плетењето, ткаењето, хеклањето и предењето – кои историски биле маргинализирани во историјата на уметноста, и покрај нивната важна улога во пренесувањето на уметничкото и културното знаење. Поставката вклучува сликарство, скулптура, фотографија, колаж, графика, цртеж, видео, звук, мултимедија, уметнички книги, перформанс, предавање-перформанс, партиципативни практики, повторни поставувања и реконструкции на настани, феминистички активистички дизајн и други интердисциплинарни форми. Преку овие разновидни практики, изложбата е поставена како простор во кој се вкрстуваат уметничкото творештво, феминистичкото истражување, архивската меморија, политичкото промислување и отелотвореното знаење. Придружната јавна програма, која опфаќа две панел-дискусии, три предавања и видеопроекции, ќе ги прошири темите надвор од изложбениот простор и ќе отвори можности за дијалог за феминистичките уметнички практики, архивите, историите и современите политички и општествени услови.