Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Веќе никој не крие дека под површината се одвиваат некакви разговори и пазарења, иако официјалните изјави се во насока дека се разговара без притисоци, се аргументираат придобивките од одблокирање на процесот на уставни измени и ништо друго. Сепак јавноста, поучена од досегашните искуства, се сомнева дека повторно во игра се некакви заткулисни игри, а во еден таков контекст се става и неодамнешното експресно носење на измените на Кривичниот законик, потег од кој останаа изненадени и ЕУ и САД

Решенијата за иднината на државата носени без широка граѓанска и политичка поддршка не може да бидат одржливи

Опсесивната заложба што поскоро да се спроведат уставните измени очигледно излегува од секаква рамка на нормално демократско и, пред сè, законско функционирање кога станува збор за обезбедување двотретинско мнозинство, па се користат буквално сите расположливи средства да се дојде до фамозната бројка од 80 пратеници.
Впрочем, веќе и никој не крие дека под површината се одвиваат некакви разговори и пазарења, иако официјалните изјави се во насока дека се разговара без притисоци, отворено се аргументираат придобивките од одблокирање на процесот на уставни измени и ништо повеќе.
Сепак јавноста, поучена од досегашните искуства, се сомнева дека повторно во игра се некакви заткулисни игри, а во еден таков контекст се става и неодамнешното експресно носење на измените на Кривичниот законик, потег од кој останаа изненадени и ЕУ и САД.
Ни малку случајни не се ниту последните прозивки меѓу власта и опозицијата за тоа дали и кој имал тајни средби со поранешниот премиер во Будимпешта, дали се договарала амнестија, дали биле побарани помилувања од претседателот на државата и слични инсинуации, кои, секако, имаат некаква употребна вредност и, ако ништо друго, претставуваат еден вид лакмус за реакциите во јавноста дали сето тоа може да помине.
Едно е повеќе од јасно, дека во тек е сериозна операција за обезбедување двотретинско мнозинство и дека на сцена е пазар од најнизок вид, без да се води сметка дали во целата оваа работа има и елементи за кривични дела, особено сега кога дополнително е намалена казнивоста на функционерите.

Геровски: За што разговарате?

– Недостига добра волја. Недостига едно разбирање, пред сè во СДСМ и ДУИ, дека оваа работа не можат да ја истераат со сила и со уцени. Не може да се приведе опозицијата на гласање, да најдат осум пратеници што ќе ги поддржат уставните измени. По моето разбирање, за тоа се оди во затвор. Велат, разговараме пратеник по пратеник, човек по човек. За што разговарате вие со луѓето? Се убедувате за прашања за кои треба да се убедуваме јавно, пред камери, на дебати или правите некакви шмеќарлаци за да ги уценувате луѓето или да им нудите нешто? За што разговарате? Така не може да се реши работата. Мене ми е тотално неразбирливо зошто не се отвори една сериозна политичка јавна дебата, ама не сами со себе, туку власта со опозицијата за тоа какво уставно решение треба да се донесе, еве за внесување на Бугарите во Уставот, кое е најдоброто решение, туку веднаш се истрча, се тупна на маса едно решение и се вели ова е решението за кое треба да разговараме и сега дај да видиме како да го прифатиме, како да постигнеме компромис – вели новинарот Бранко Героски, изнесувајќи ги сопствените видувања во јавноста за преговорите што власта ги води со пратениците од опозицијата.
Според него, секое посериозно решение за иднината на државата мора да биде носено со консензус и со широка политичка поддршка за да биде одржливо, а не решенијата да се бараат така што ќе се врши притисок врз пратениците да го прифатат решението што еднострано им е наметнато.
– Решението што ќе се донесе под маса, шверцерски, ќе биде неодржливо. Консензус значи да се обезбеди политичка волја од повеќе субјекти – потенцира Героски.

Проф. Гордана Силјановска-Давкова: Се кршат темелните вредности на Уставот, се нарушува владеењето на правото, се загрозуваат интегритетот и дигнитетот на пратениците, нивната слобода на мислење и слобода на изразување…

Дека има елементи на кривично дело, на некој начин потврдува и професорката по уставно право и актуелна пратеничка Гордана Силјановска-Давкова.
– Прво, тоа е спротивно на начелото на поделба на власта, тоа го загрозува она што Уставот во членот 63 го наведува, „се гарантира дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено убедување“. Значи, се кршат темелните вредности на Уставот, се нарушува владеењето на правото, понатаму се загрозуваат интегритетот и дигнитетот на пратениците, нивната слобода на мислење и слобода на изразување, а под закана е и гласањето на пратениците по сопствено убедување – се дел од забелешките на професорката Силјановска-Давкова по кои може да се испитува можноста за евентуален кривичен прогон.
Несомнено, ако се потврдат сите овие забелешки, тогаш има сериозни прекршувања на законите и основи за кривично дело, но кога целта ги оправдува средствата, тогаш мала е веројатноста некој да се соочи со одговорност за притисоците и уцените врз пратениците.
– Методот на обезбедување две третини од пратениците е дефинитивно во контекст на она што претставува начин на функционирање на политичките партии, на Собранието и на власта во Македонија, а тоа е пазар, но не нормален пазар, не вистински пазар, туку најдолен пазар во кој воопшто не се води сметка ниту за каков било вредносен систем, за какви било правила, процедури, критериуми, туку пазар што ги руши и оние малку кревки основи на демократија и владеење на правото. И она што е најтрагично, тоа е пазар што е од поодамна и сега со доаѓањето на различни алали од странство во Македонија се поддржува од страна и од другите држави и мислам дека тоа е најтрагичното и најлошото што можеше да се случи во овој период – потенцира професорката Мирјана Најчевска.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски потврдува дека во обидот да се дојде до двотретинско мнозинство власта употребува секакви начини и средства.
– Не е голема тајна дека власта е во потрага по пратеници за гласање на уставните измени со кои било средства и на кој било начин. Тие тоа не го кријат – вели Арсовски, притоа додавајќи дека измените на Кривичниот законик можат да се стават во некаква корелација со обезбедување двотретинско мнозинство.
И другите соговорници сметаат дека кога разговорите се одвиваат тајно, тогаш тешко ќе се утврди дали има некакво кривично дело во сите овие постапки.

„Балканскиот начин“ на Јоханес Хан

– Очигледно домашните политичари многу често почнаа да ги применуваат советите на поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој советуваше кога работите ќе заглават, тогаш да се решаваат на „балкански начин“. Веројатно и сега се користи тој „балкански начин“, со тоа што, како што беше случајот кога се гласаа амандманите за Преспанскиот договор, и сега ЕУ замижува на сите овие неправилности. Кога сето тоа ќе се дополни со домашните нефункционални институции, повеќе од извесно е дека сите овие заткулисни игри ќе минат неказнето и затоа постојано ни се случуваат и ќе продолжат да ни се случуваат. Наместо да се седне и да се најде консензуално решение, се пристапува кон методот на притисок, што во никој случај не е добро за државата – заклучуваат соговорниците.